Емпатијата, односно способноста да ги разбереме чувствата на другите и да сочувствуваме со нив, се обликува уште во раното детство. Иако на прв поглед може да изгледа дека тоа е особина со која едноставно се раѓаме, експертите тврдат дека развивањето на емпатијата силно зависи од семејната средина, емоционалните односи и начинот на кој родителите се однесувале кон детето. Значи, недостигот на емпатија кај возрасните често се поврзува со одредени модели од детството. Еве некои примери:
Растење без емоционална поддршка
Децата што немале можност да ги изразат своите емоции или биле игнорирани кога ги покажувале често учат да ги потиснуваат чувствата. Кога нема да научат да ги препознаваат и разбираат сопствените емоции, подоцна им станува тешко да ги разберат туѓите. Растењето во таква средина може да доведе до индиферентност на емоции и тешкотии во создавањето блиски односи.

Родители што казнувале емоции
Психолозите објаснуваат дека децата што биле казнувани или засрамени поради плачење, лутина или тага често развиваат уверување дека емоциите се нешто погрешно. Таквите модели на однесување може да резултираат со тоа дека личноста подоцна не знае како да реагира на туѓите чувства, па наместо сочувство, често ги доживува како слабост. Со текот на времето се јавува емоционална дистанца и тешкотии во развивањето емпатија.
Растење во токсично или нестабилно семејство
Децата што биле сведоци на конфликти, манипулации или емоционално занемарување често развиваат одбранбени механизми кои им помагаат да преживеат во таква средина. Сепак, тие механизми како дистанцирањето, недовербата или рамнодушноста, на поголема возраст можат да спречат вистинско разбирање на другите луѓе. Таквите личности ретко се чувствуваат сигурно во емоционални ситуации бидејќи ги поврзуваат со болка и несигурност.
Недостиг на позитивни примери
Експертите за ментално здравје истакнуваат дека децата што немале можност да набљудуваат здрави облици на емпатија во семејството, како разбирање и поддршка, тешко учат како да ги применуваат тие модели подоцна во животот. Кога детето не гледа како изгледа грижата за другите, не развива емоционален „модел“ кој подоцна би можело да го следи. Како возрасни, тие се соочуваат со тешкотии во создавањето топли, меѓучовечки односи.