Летото е време кога децата поголемиот дел од времето го поминуваат на отворено, изложени на сончеви зраци. Умереното изложување на сонце, освен за зајакнување на имунолошкиот систем, неопходно е и за производство на витамин Д, кој е важен за нормален раст и развој на коските кај децата. Сепак, прекумерната изложеност на сончевото ултравиолетово (УВ) зрачење може да доведе до низа краткорочни и долгорочни последици врз здравјето на детскиот организам. Токму поради оваа причина, детската кожа треба да биде соодветно заштитена.
Совети за заштита на детската кожа од сонце
Детската кожа е дури пет пати потенка отколку на возрасните, поради што бариерата на кожата е послаба, а штетните УВ-зраци продираат подлабоко и побрзо и предизвикуваат оштетувања. Содржи и помалку меланин, пигментот кој ја штити кожата и ѝ дава боја. Несаканите последици од прекумерната изложеност на УВ-зрачење може да се спречат со едноставни мерки за заштита од сонце. Затоа, подолу даваме неколку клучни совети како да ги заштитите вашите малечки и да им овозможите безгрижно да уживаат во сонцето.
Препарати за заштита од сонце
Деликатната кожа на децата треба да се заштити со соодветни препарати за заштита од сонце. За безбедно уживање на сонце, изберете препарати кои се водоотпорни, обезбедуваат висока заштита од УВА и УВБ-зраци, содржат минерални филтри, титаниум диоксид и цинк оксид, чии честички ги одбиваат сончевите зраци и се специјално приспособени за детската кожа.
Високата заштита од сонце, со најмалку заштитен фактор 30, ќе обезбеди соодветна заштита. Деловите од телото изложени на сонце треба правилно и редовно да се подмачкуваат. Кога го нанесувате заштитниот крем, внимавајте на особено чувствителните места како што се ушите, носот и усните, кои многу лесно согоруваат на сонце.
Соодветна облека
Соодветната облека и соодветните додатоци се дополнителна мерка за заштита на нежната детска кожа од влијанието на штетното сончево зрачење. Изберете облека со светли бои и долги ракави. Додатоците, како летна капа со широк обод и очила за сонце со УВ-заштита, освен што го надополнуваат летниот изглед, се и ефикасен начин за заштита на чувствителните места кои често се изложени на сонце.
Избегнување на периодот на најсилното сонце
Избегнувајте да бидете на сонце во времето кога е најинтензивно, а тоа е особено помеѓу 10 и 17 часот. Кога сте на сонце, секогаш кога е можно, изберете места под сенка. Малите деца, до една година, воопшто не треба да се изложуваат на сонце.
Редовна хидратација на децата
За да се обезбеди соодветна хидратација на децата, особено за време на летните горештини, редовно поттикнувајте ги да пијат течности. Правилната и доследна заштита на детската кожа од сонце е од суштинско значење за спречување на штетните ефекти од сончевото УВ-зрачење. Спроведувањето на овие совети во вашата дневна рутина им овозможува на вашите деца безбедно и безгрижно да уживаат во летните активности на отворено.
Автор: Моника Бабиќ
912