Постојат силни реченици како оваа „ЈАС МОЖАМ!“ Тоа се зборови на верба во себе и својата храброст. Храброста ги прави децата посамоуверени, им дава сила да кажат „не“ на нешта кои ги повредуваат или не се добри за нив. Без храброст децата би останале секогаш на исто место. Тоа значи дека никогаш не би пробале нешто ново, не би откривале нешто непознато. Храброста е водилка кон патот до остварување на детските соништа.
Што ги спречува децата да бидат храбри?
Тоа се најчесто психолошки фактори како: страв од неуспех, ниска самодоверба, страв од одбивање или осуда, негативни искуства од минатото, страв од непознато, чувство на недоволност анксиозност и сензитивност, презаштитнички родителски стил итн.
Во рамките на овој текст предлагам арт-психотерапевтска вежба која може да ја направите заедно со вашето дете.

Му велите: – Замисли дека најде мала кутија полна со ХРАБРОСТ.
Потоа прашајте го:
Што можеш да направиш со таа храброст?
Наброј ми неколку ситуации во кои би сакал да бидеш похрабар.
Што ќе направиш ако таа храброст ја почувствуваш во себе?
Може да ја нацрташ кутијата и да покажеш како изгледа кога е полна со храброст.
Потоа договорете тајна шифра за храброст која детето би ја користело секогаш кога му е потребна храброст. Тоа нека биде реченицата ЈАС МОЖАМ!
Автор: м-р Христина Стефановска