Да се биде веган е избор кој е восхитувачки на многу начини. Секако, секогаш ќе има такви што ќе имаат што да кажат за овој начин на исхрана, кои нема да го разберат и ќе веруваат дека луѓето не се создадени да бидат тревопасни. Сепак, другите понекогаш ќе им се восхитуваат на веганите, понекогаш ќе им завидуваат на нивната упорност, а понекогаш ќе се обидат и самите да бидат вегани. Може да се стане веган поради една или друга причина, поради едно или друго верување, но секогаш е лична одлука.

Од друга страна, кога децата се вегани, тоа е така затоа што родителот одлучил во име на детето. И не велиме дека има нешто лошо во тоа, има многу одлуки што ги носиме во име на нашите деца, секој ден, но децата понекогаш, ако не им се објасни детално, не се свесни што точно одлучуваат или што се случува. Ова понекогаш води до тоа веганските деца да бараат можности да јадат месо, или храна што не можат да ја добијат дома.

Во една статија неодамна објавена во „Дејли мејл“ родителите ги раскажуваат своите искуства со веганските деца кои доаѓаат да си играат во нечија куќа, или во игротеки и слични собири. Мајката и нутриционист Кели Спрингер изјавила дека децата вегани кои доаѓаат во нејзината куќа никогаш не ја јадат веганската храна што таа им ја подготвува, туку наместо тоа, тие продолжуваат да јадат „забранета храна“. Таа истакнала дека на дете на возраст од 4 до 8 години му требаат околу 19 грама протеини дневно – но тој број се зголемува повеќе од двојно на возраст од 9 до 13 години и повторно се зголемува на возраст од 14 до 18 години.

Децата што се поактивни имаат потреба од повеќе протеини.

-Важно е да се водат овие разговори затоа што животинскиот протеин ги содржи сите девет есенцијални аминокиселини, што значи дека е целосен протеин, додека повеќето растителни протеини сами по себе не се целосни. Значи, мора да ги комбинирате – истакнува Спрингер.

Од друга страна, психологот Кортни Кантрел, која е специјализирана за детска и адолесцентна терапија, вели дека понекогаш одредена забранета храна станува толку пожелна, што детето може да ја сака само затоа што е забранета. Уште една причина зошто децата би сакале во тој случај да јадат месо е затоа што можеби нешто во организмот им недостига.

-На детето кое е на веганска исхрана може да му недостигаат некои витамини и минерали, и тоа е така затоа што храната од животниско потекло обезбедува цинк, витамин Б-12, калциум и, потенцијално, витамин Д. Овие хранливи материи се многу важни за имунолошкиот систем – вели Спрингер.

Сепак, Лорен Манакер, мајка и исто така нутриционистка, не се согласува велејќи дека таа не верува дека децата што сакаат да јадат месо го прават тоа поради недостиг во организмот.

-Ако детето јаде веганска исхрана, но јаде многу преработена храна, можеби нема да ги добие истите придобивки како дете кое јаде минимално преработена храна без месо – вели Манакер, меѓутоа, истакнува дека има многу погрешни информации за животинските протеини.

-Децата можат да консумираат веганска храна додека родителите се свесни дека може да има некои недостатоци во исхраната кои можат да се поправат со соодветни додатоци – заклучила таа.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X