Извршувањето на обврските дома го промовира развојот на многу основни вештини потребни за успех во животот. Кај помладите деца што завршуваат едноставни работни задачи, како што е диплење на облеката или средување на креветот, може да ги подобри координацијата и моторните вештини. Извршувањето на обврските исто така ја подобрува способноста на детето да ги следи упатствата и помага да се развијат вештини за планирање и организација.

Извршувањето на обврските им помага на децата да развијат вештини за управување со времето. Истражувачите во истражувањето „Навики на учење“ откриле дека децата што извршуваат обврски по дома постигнале и високо ниво на академски успех.

Извршувањето обврски по дома исто така им помага на децата да развијат чувство на одговорност. Не само што се вклучуваат во вештини за самопомош што поттикнуваат чувство на независност, туку и чувство на заедничка одговорност и придонесуваат за благосостојбата на целото семејство. Успешното извршување на обврските промовира чувство на самопочит и припадност. Кога родителите прават сè, децата може да станат зависни од другите или може да очекуваат другите да ги прават работите за нив.

Кога темата за домашни обврски се појавува на семејните терапии, ги потсетувам децата дека постои причина што ги нарекуваме обврски. Повеќето луѓе, вклучувајќи ги и родителите, не сакаат да ги прават, но треба да се направат во секој случај. Истакнувам дека грижата за себе и помошта по дома им помага на децата да станат независни и подготвени за слободата што ќе дојде кога ќе пораснат. Мислам дека е неопходно да се направи разлика помеѓу самопомош и одржување на домаќинството. Некои деца го гледаат како обврска собирањето играчки, средувањето на креветот, па дури и миењето на забите.

Опсесијата со уредите дополнително го зголемува проблемот. Децата мразат каква било активност што може да им укради неколку минути од нивните уреди. Едно правило треба да биде дека прво се вршат задолженијата и обврските поврзани со личната грижа, домашната работа и помагањето во семејството или со домашното милениче. Кога се исполнети одговорностите, ако има време, тоа може да се користи за рекреативни активности.

Многу родители дебатираат дали децата треба да добиваат пари за извршување на задолженијата. Во својата книга „Спротивно од разгалени: подигнување деца кои се приземни, великодушни и паметни во врска со парите“, авторот Рон Либер вели дека децата треба да ги извршуваат должностите од истата причина поради која ги извршуваме ние – бидејќи треба да се извршат, а не со очекување дека ќе постои некоја компензација.

Она што децата и тинејџерите треба да го добијат наместо паричен надомест се пофалби и благодарност. Тие треба да се научат да се чувствуваат добро и да бидат горди на своите способности, независност и придонесот за доброто на семејството. Пофалбите треба да бидат наизменични, а понекогаш и само „благодарам“ или „се гордеам со тебе“ се доволни. Постојаната пофалба го одзема чувството за иницијатива и лична одговорност. Понекогаш пофалбите треба да бидат описни: „Ми се допадна начинот на кој ги стави играчките на нивното место“ или „Горд сум што ги изврши задачите без да те потсетам“ или „Навистина стануваш добар во средувањето на креветот“.

Направете листа со обврски за сите членови на семејството

Кога децата рано ќе почнат со задолженијата, тоа е одлично за нив. Кај малите деца можете да го претворите тоа во игра, играјќи тие да бидат мама и тато. Помладите деца треба да научат прво од набљудување. Пофалбата треба да се заснова на напор, а не на совршенството. Ова важи и за постарите деца кои учат нови задолженија.

Ако вашите деца се постари, вклучувајќи ги и тинејџерите, потребен е различен пристап за да ги пречекате во светот на лична одговорност. Предлагам да се одржи семеен состанок и да се разговара за проблемот. Дајте им предлози на вашите деца. Направете план со кој сите ќе се согласат. Направете листа со обврски за сите членови на семејството. Ова ќе служи како потсетник, ќе обезбеди одговорност и ќе докаже дека сите членови на семејството имаат своја улога.

Откако ќе се согласите за планот, треба да користите пофалби за реализирање и потсетници за недостиг на достигнувањата. Може да треба да ги потсетувате повеќе пати. Не треба да им давате никакви уреди за забава сè додека не си ја завршат работата. Две техники може да бидат корисни. Едната е наречена „Правилото на баба“, а гласи: „Откако ќе ги завршите обврските, можете да ги користите телефоните“. Другата техника се вика „Расипана плоча“ и гласи: „Се сеќавате дека правилото е да си ги средите играчките пред времето за забава“.

Патем, задолженијата и обврските низ домот НИКОГАШ не треба да се користат како казна за несоодветно однесување. Конечно, задолженијата треба да бидат соодветни за возраста и развојот на вашето дете.

– Децата на возраст од 2 до 3 години треба да можат да си ги средат играчките, да стават облека во кошницата, да го наполнат садот за храна за мачките или кучињата.

– Децата на претшколска возраст, односно од 3 до 5 години, може да помогнат во расчистување на масата, наводнување на цвеќињата или бришење прашина.

– Децата на училишна возраст од 6 до 9 години може да бришат подови, да ги средат садовите од машината за садови или да си ја исчистат детската соба.

– Децата од 10 до 13 години може да приготвуваат оброци или да го изнесат ѓубрето, додека средношколците на возраст над 14 години може да го исчистат фрижидерот, да ја косат тревата и да пеглаат облека.

Тие ќе ви бидат благодарни што им помогнавте да стекнат вредни вештини. Ова е важно за среќен и успешен живот.

Автор: Роберт Маерс



912

X