Штедат за да си купат производи, меѓу кои први на листата се лего-коцки, смартфони и таблети
Сè поголем е бројот на деца што штедат пари и зачувуваат дури до една третина од својот џепарлак – покажуваат најнови истражувања.
„Rooster Money”, апликација со 300.000 корисници, работи со виртуелни пари кои на децата им овозможуваат да ги контролираат своите финансии онлајн. Родителите можат да ги следат финансиите на децата преку оваа апликација, како и да им предадат дел од својата заработувачка.
Исто така, апликацијата нуди неколку начини на кои децата можат побрзо да заработат, преку чистење на својата соба, перење или чување домашни миленичиња.
Вил Кармишер, извршен директор на „Rooster Money“, вели дека користењето онлајн-алатки за штедење пари е корисно бидејќи така се стекнуваат добри навики уште од мали нозе.
„Истражувањата покажуваат дека навиките поврзани со парите се создаваат од седмата година“, вели тој.
„Создавајќи им на вашите деца добри навики поврзани со парите и ако сфатат што значи да се биде внимателен потрошувач преку штедење и поставување цели, вашите деца ќе носат подобри одлуки во иднина“.
Статистиката покажува дека од четири години просечниот износ на штедење неделно кај децата во Австралија изнесува 3,99 долари, а до четиринаесеттата година се зголемува на 13 долари.
Крис Браун, извршен директор за финансиски услуги на „Rooster Money“, вели дека која било онлајн-апликација за помош на децата при штедење е одлична, но од големо значење е децата да располагаат и со готовина.
„На децата им се многу важни парите во готовина бидејќи ако не се вистински и нивни, тогаш самото учење за вредноста на парите нема некое значење“, вели тој.
„Купете касичка за пари и на неа испечатете слика од тоа што би сакало детето да го купи, ставете ја на видно место и постојано забележувајте до каде е заштедената сума. Тоа може да биде мотивирачки“.