Првите неколку месеци од животот на детето се многу важни, а вклученоста на татковците во овој период многу ќе влијае врз подоцнежниот развој на детето. Тоа го докажува и студијата од 2017 година. Од првите недели бебињата почнуваат да учат како да размислуваат, замислуваат и учат за работите околу нив.
Процесот на учење се нарекува когнитивен развој и се случува пред вашите очи. Таткото многу придонесува за овој процес, а најдобриот начин да се помогне е да се биде вклучен од самиот почеток. Докажано е дека татковците во првите 4 месеци од родителството доживуваат раст на делови од мозокот вклучени во родителската мотивација. Промената се случува и кај татковците и кај бебињата, кои, благодарение на присуството и разиграноста на нивниот татко, учат да управуваат со своите емоции. И не само тоа, бебињата, се вели во студијата, учат одредени вештини.
Студијата била спроведена од истражувачки тим од Империјалниот универзитет во Лондон, Универзитетот „Кинг“ во Лондон и „Оксфорд“. Истражувачите ги снимале татковците како си играат со своите тримесечни бебиња три минути на подлога на подот, без играчки, и повторно ги снимиле за време на сесијата за читање книги откако детето наполнило 2 години. Нивните наоди се навистина интересни и се показател дека улогата на таткото во воспитувањето на детето е пресудна. Иако се смета дека бебињата до три месеци имаат најголема потреба од мајката, вклученоста на таткото во најраниот период од животот на детето може многу добро да го обликува детето, да го поттикне или да го забави неговиот напредок.
Истражувачите откриле дека бебињата што повеќе си играат со своите татковци на 3-месечна возраст можеле да постигнат добри резултати на тестовите до 2 години, како што се препознавање форми и бои, во споредба со бебињата чии татковци не биле многу присутни во тој период.

Но, ова не е единственото интересно откритие. Студијата, исто така, објавува дека активностите за читање се корисни за вниманието, решавањето проблеми и развој на јазичните вештини. За нивниот когнитивен развој придонеле татковците кои одвоиле време да им читаат на своите деца, на смирен и трпелив начин.
Оваа студија, исто така, покажала дека социјалното однесување на детето е под влијание на интеракцијата татко-дете. Бидете присутни во животот на вашето дете бидејќи играњето во дворот или во затворен простор може да му помогне на вашето дете да комуницира со надворешниот свет. Покрај тоа, вашето дете може да стане поактивно.