Истражувањето на американските лекари и научници покажало дека доенчињата и малите деца што се изложени на загаден воздух имаат поголема веројатност да развијат астма.
-Студијата што ја спроведовме покажа дека просечната количина на фини честички и просечното загадување на воздухот со азот диоксид во текот на првите три години од животот на децата се поврзани со појавата на астма во детството – се вели во резултатите од студијата објавена од Американската медицинска асоцијација (AMA).
Истражувањето на научниците од „Харвард“ и детската болница во Синсинати укажува дека доенчињата од слоевите со понизок статус во општеството се соочуваат со поголем ризик од развој на оваа болест, што тие го припишуваат на намалениот пристап до почист воздух.
Бебињата од афроамериканските семејства кои живеат во густо населени заедници, кои се карактеризираат со намалени финансиски можности и ресурси, би можеле да развијат астма, заклучува студијата објавена кон крајот на февруари. Научниците ги повикале локалните власти да вложат повеќе напори за намалување на загадувањето на воздухот и да создадат поголема еколошка, образовна и здравствена правда на ниво на заедницата.
Друга група научници неодамна укажаа на врската помеѓу зголемената антимикробна отпорност и загадувањето на воздухот. Се покажало дека влијае врз возачите и патниците кои остануваат во своите автомобили подолго време. Претходните истражувања сугерираат дека на глобално ниво, приближно две третини од смртните случаи се поврзани со загадениот воздух во Азија, но нивоата на загаденост на воздухот во Европа и во Северна Америка остануваат над нивоата што се сметаат за здрави.
912