Газираните пијалаци со кофеин дефинитивно не се пијалаци што треба да ги консумираат децата. Тоа тврдење веројатно би требало да гласи вака: Никој не смее да пие газирани пијалаци со кофеин. Меѓутоа, ги игнорираме возрасните поради фактот што тие самите можат да проценат колкава штета си нанесуваат. Децата не знаат, односно не разбираат. А најновото истражување покажало дека ниту ние не знаеме какви опасности крие за нив консумирањето на овие пијалаци…
Имено, една студија спроведена на 2.000 деца во САД покажала дека децата што пијат газирани пијалаци со кофеин имаат поголема веројатност да заболат од зависности во иднина поради ефектите што таквите пијалаци ги имаат врз мозокот. Студијата била спроведена на деца на возраст од девет до десет години, а била регистрирана и дневната консумација на овие пијалаци. Се покажало дека консумирањето газирани пијалаци со кофеин е поврзано со зголемена импулсивност и послаба меморија.
Анализата на скеновите на мозокот спроведени од експерти покажала дека пијалаците со кофеин може да ги направат младите луѓе „поподложни на зајакнувачките ефекти од потешките зависности како што е алкохолот“.
Истражувачите процениле колку често децата пиеле газирани пијалаци со кофеин или енергетски пијалаци со висока содржина на кофеин и колку добро се справуваат со серија задачи, за процена на развојот на мозокот (вклучувајќи тестови за меморија, концентрација и контрола на импулсите).
Полоши резултати
Младите учесници што пиеле пијалаци со кофеин секој ден имале многу полоши резултати од оние што не консумирале кофеин во оваа форма. Скенирањето покажало и разлики во мозочната активност, при што дневните корисници на кофеин покажуваат пониска активност во мозочниот регион, наречен преден сингуларен кортекс, нешто што исто така се гледа кај деца со АДХД и оние што злоупотребуваат дрога или алкохол. Наодите откриле дека децата што пиеле пијалаци со кофеин имаат поголема веројатност да пробаат алкохол во рок од една година.
Сепак, истражувачите признале дека не знаат со сигурност дали кофеинот ги предизвикал разликите во мозокот или дали децата кои се веќе природно импулсивни сакаат повеќе да пијат газирани пијалаци.
„Нашите наоди сугерираат дека секојдневното консумирање газирани пијалаци со кофеин кај децата укажува на можноста за користење други супстанции кои предизвикуваат зависност во блиска иднина. Едно можно објаснување е дека супстанциите содржани во газираните сокови (кофеин и шеќер) би можеле да имаат токсиколошки ефект врз мозокот, правејќи ги индивидуите поподложни на зајакнувачките ефекти од потешките супстанции како алкохолот“, рекла водечката авторка на студијата, Мина Квон, од Националниот универзитет во Сеул.
Коавторот на студијата, професорот Ву-Јанг Ан, додал: „Честото консумирање газирани пијалаци со кофеин може да укаже на поголем ризик од идното започнување со употреба на супстанции, поради заедничките фактори на ризик помеѓу двете однесувања“.
Овие резултати се многу важни и ќе треба да обезбедат дополнителни упатства за препораки во врска со овие пијалаци, кои се сѐ поприсутни кај малолетниците. Експертите предупредуваат дека не постои консензус за безбедна доза на кофеин за децата, а некои деца може да бидат почувствителни од другите на штетните ефекти поврзани со честото консумирање кофеин.
Колкава количина кофеин е во ред
Тимот од истражувачи ја нагласил потребата од спроведување повеќе истражувања за да се утврди врската помеѓу консумирањето кофеин кај децата и злоупотребата на супстанции во иднина, како и строги упатства за родителите за тоа колку е безбеден кофеинот за децата и кои се можните ефекти од него, како што е намалената концентрација.

Дополнително, Европската управа за безбедност на храната (ЕФСА) предлага единечните дози на кофеин кои се сметаат за незагрижувачки за возрасни (3 mg/kg телесна тежина на ден) да може да се применат и кај деца, бидејќи „стапката на елиминација на кофеинот кај децата и адолесцентите“ е иста колку што е и кај возрасните, а достапните студии за акутните ефекти на кофеинот врз анксиозноста и однесувањето кај децата и адолесцентите го поддржуваат ова тврдење.
Сепак, ЕФСА исто така признава дека главниот придонес за внес на кофеин на дневна основа се чајот и кафето, како и чоколадото и другите безалкохолни пијалаци – и тоа во сите возрасни групи. Инаку, Владата на Обединетото Кралство објавила план за забрана на продажба на енергетски пијалаци на деца во 2019 година, но овој план сè уште не е вклучен во законот.
Автор: Наташа Крстичевиќ