Преселувањето понекогаш е финансиски мудра одлука, но експертите предупредуваат дека тоа може негативно да се одрази врз менталното здравје на децата.
Младите луѓе кои се преселиле само еднаш на возраст од 10 до 15 години имаат 41 отсто поголеми шанси да заболат од депресија подоцна во животот, открива новото истражување на научниците од Велика Британија и Данска. Оние што се преселувале два пати или повеќе – имале 61 отсто поголем ризик за појава на оваа состојба.
-Знаеме дека има голем број фактори кои доведуваат до дијагноза на ментална болест на лицето. Сепак, ова е првиот доказ кој сугерира дека преселувањето во ново соседство во детството е еден од нив – коментира професорот Клајв Сабел од Универзитетот во Плимут.
Тој вели дека децата ги градат своите социјални мрежи во текот на годините на формирање преку училиште, спортски групи или други активности.
-Секојпат кога треба да се приспособат на нешто ново, тоа може да биде деструктивно, така што потенцијално треба да најдеме нови начини да им помогнеме на луѓето да ги надминат овие предизвици – додал професорот.
Студијата, објавена во списанието „ЈАМА психијатрија“, опфатила речиси 1,1 милион луѓе родени во Данска помеѓу 1981 и 2001 година. Се следело колку пати се преселиле во првите 15 години и се открило дека на најмалку 35.000 млади луѓе подоцна им била дијагностицирана депресија.
Луѓето што често се преселувале во детството биле посклони кон обиди за самоубиство, криминални дејствија и злоупотреба на супстанции. Се верува дека до 13 проценти од светската популација живее со некоја форма на нарушување на менталното здравје.
912