Еден од најголемите експерти од областа на аутизмот во регионот и редовен професор на Факултетот за дефектологија, проф. д-р Ненад Глумбиќ, зборувал на Симпозиумот на логопеди за дигиталната детоксикација.

Професорот Глумбиќ укажал на многубројните последици од екранизацијата на децата во општата популација, а тоа се: нарушување на вниманието и хиперактивност, лоши резултати на училиште, дебелина, нарушување во спиењето, проблеми со однесувањето и социјалните реакции, емоционални нарушувања, нарушувања во комуникацијата…

Во својата презентација, професорот укажал на странски истражувања (Hutton et.al., 2020), кои ја докажале врската помеѓу продолженото „време на екранот“ и нискиот микроструктурен интегритет на миелинизираните нервни влакна (развој на мозокот на детето).

Како последица на горенаведеното, најпогодени се патиштата кои го поддржуваат развојот на: говорот, извршните функции, обработката на визуелните слики и мултимодалните асоцијации.

-Децата што се изложени на екрани 1-2 часа дневно во првата година имаат двојно поголема веројатност да бидат дијагностицирани со аутизам во третата година во споредба со децата што не се „екранизирани“ – рекол проф. д-р Ненад Глумбиќ.

Изложеноста на екраните 2-4 часа на ден ги зголемува овие шанси за 3,48 пати!

Ако детето веќе има аутизам, колку повеќе е изложено на екрани, толку се потешки симптомите. Особено се изразени дефицитите во рецептивниот и експресивен говор и сетилната обработка. Други последици се: нарушување на спиењето, селективен внес на храна, недостиг на витамин Д.

Во вакви ситуации се препорачува дигитална детоксикација.

Што е дигитална детоксикација?

Дигитална детоксикација е прекин на користењето на дигиталните уреди целосно или во одредени области на употребата. Кај децата со состојби слични на аутизам може да има драстично подобрување на социјалните вештини за само неколку месеци.

Мерки за превенција

Според препораките на Американското здружение за педијатри, децата треба да бидат без екрани до 2-годишна возраст. По потреба треба да се воведат екрани од 15-тиот месец и секогаш во присуство на родителите. Максималното време пред екранот од втората до петтата година е 1 час, каде што е неопходно до детето да има лице кое ја толкува и објаснува содржината. Важно е да се спречат децата да пристапуваат до содржини што брзо се менуваат, што содржат дистракции и прикажуваат сцени на насилство.

-Никогаш не користете дигитални технологии при хранење, заспивање и играње интерактивни игри со децата – предупредува проф. д-р Ненад Глумбиќ.

Во многу домови екраните се вклучени во поголемиот дел од денот, па затоа е неопходно да се внимава и на пасивно изложување на екраните.

Автор: Александра Цвјетиќ

Извор



912

X