Ново истражување ја открива врската помеѓу времето поминато пред екранот и основните вештини за подготвеност на децата за математика, букви и зборови и когнитивни и социјално-емоционални компетенции.
Сите сме виновни што децата седат пред екран. Така можеме да завршиме повеќе работи, на пример, приготвување вечера или телефонски повик. Да, понекогаш се чувствуваме лошо поради тоа, затоа што премногу време поминато пред екранот е поврзано со поголем ризик од дебелина кај децата, меѓу другите потенцијални проблеми. Но, сега истражување од Универзитетот во Њујорк открива дека постои уште една причина за која родителите треба да бидат свесни: колку повеќе гледаат телевизија децата, толку помалку се подготвени за градинка.
Истражувачите велат дека гледањето телевизија повеќе од неколку часа на ден е поврзано со пониска подготвеност за градинка, особено кај семејства со ниски приходи.
Истражувањето ја зацврстува препораката на Американската академија за педијатри (ААП) – дека децата на возраст од 2 до 5 години треба да гледаат само еден час дневно.
– Со оглед на тоа што истражувањата објавуваат дека децата често гледаат повеќе од дадената препорака, и со сегашната распространетост на технологијата, времето пред екранот е многу подолго од претходно – вели авторот на истражувањето, Ендрју Рајбнер, кандидат за докторски студии на Одделот за применета психологија во Стеинхард.
Постојаното седење пред екранот може да има вистински импликации врз развојот на децата, се вели во истражувањето. Истражувачите анализирале 807 градинки од различно потекло. Родителите на децата пријавиле семеен приход и бројот на часови поминати пред телевизор.
Потоа учесниците биле оценети за основните вештини за подготвеност за математика, букви и зборови и клучни когнитивни и социјално-емоционални компетенции, како што се работна меморија, когнитивна флексибилност и инхибиторна контрола.
Кога децата гледале повеќе од два часа телевизија, нивната подготвеност за градинка била негативна. Како што семејните приходи се намалувале, врската меѓу часовите поминати пред телевизор и намалувањето на подготвеноста се зголемувала. Најголем пад имало во семејства што се на раб на сиромаштијата.
Интересно е што истражувачите забележале дека нема врска меѓу подготвеноста за градинка и гледањето телевизија во домовите со високи примања. Истражувачите сугерираат дека децата од семејства со високи примања може да гледаат повеќе образовни содржини и дека родителите може да гледаат повеќе програми со своите деца, за кои се покажало дека го промовираат учењето.
Уште еден фасцинантен наод: гледањето телевизија било негативно поврзано со математичките вештини, но слична врска не била пронајдена со буквите и познавањето на зборовите. Ова може да е така затоа што програмите за децата се фокусираат на писменоста, а не на развивањето на математиката.