Една нова глобална студија покажала дека иако читањето во која било форма е добро за училишните перформанси на децата, читањето книги од хартија има подобар ефект отколку електронските книги.

Студијата опфатила 600.000 деца кои ги поминале тестовите ПИСА во 30 земји и ги споредиле читачките навики на учениците со нивните резултати од овој тест. Она што го покажале резултатите е дека децата што читаат печатени верзии на книги постигнале дури 49 поени повеќе од децата што пријавиле дека читаат ретко, што се проценува дека е предност од 2,5 оценки. Што се однесува до децата кои пријавиле дека читаат претежно книги во дигитална форма, нивните резултати покажуваат дека тие заостануваат една цела оценка во споредба со читателите на печатени книги.

Исто така, децата што читаат печатени верзии на книги известуваат за повисоки нивоа на уживање во читањето. Научниците велат дека не се сигурни зошто печатените книги се подобри. Од една страна, претходните истражувања покажале дека луѓето полесно го разбираат она што го читаат и подобро се сеќаваат кога читаат од хартија отколку од екран. Од друга страна, можно е децата што сакаат да читаат воопшто, да читаат и повеќе – и на хартија и на екран. Важно е да се истакне дека дури и во земјите каде што читањето е многу повеќе од екран отколку од хартија – како што се Хонгконг, Малезија и Тајван – децата што читаат традиционални книги сè уште имаат подобри резултати на тестовите.

Зошто се важни овие наоди на научниците?

Експертите предупредуваат дека децата од помалку привилегираните групи и социјално ранливите деца имаат пристап најмногу до електронските книги, а сè помалку до печатените. Колку повеќе се принудени да се потпираат на дигитални книги, толку ќе бидат поназад во споредба со децата што имаат пристап до печатени книги.

„Иако целиот свет се стреми кон дигитализација, не смее да се занемари потребата од еднаков пристап до печатените книги, за сите деца да имаат еднакви услови за квалитетно образование“, предупредуваат научниците.

Извор



912

X