Воспитување

Децата се светски прваци во тоа: како да бидете чекор пред нив?

Еден од потешките предизвици со кои родителите секојдневно се среќаваат дефинитивно е поставувањето граници. Тоа е многу важно за детето да се чувствува сигурно и заштитено, опуштено и прифатено. Но, многу родители токму тука ги губат конците од рацете. Експеримент кој е спроведен на тема граници најдобро покажува дека тие се нужни.

Така, учителите ги извеле децата на неоградена ливада, а и покрај целосната слобода да играат каде што сакаат, тие се собирале околу учителите и користеле многу мал простор за игра. Вториот ден учителите ги однеле истите деца на големо оградено игралиште и можеле да играат само до оградата. Она што се случило било драстично поразлично од првиот ден. Децата го користеле целиот простор независно од тоа каде биле учителите. Заклучокот е дека децата се чувствуваат многу посигурно кога имаат граници бидејќи тогаш се послободни во своето истражување.

И додека постојат такви што не успеваат да ги одредат правила, има многу примери на родители кои поставуваат премногу крути граници. Родителите на потемпераментни деца понекогаш помислуваат дека на тој начин нивните деца стануваат „подобри“. Добро познатата приказна за циркускиот слон објаснува зошто е тоа така. Малото слонче во циркусот го врзале со тешки синџири за клинец. Чувствувал силна болка при секој обид да се ослободи од оковите за малку да го истражи светот надвор од тие неколку метри на кои го осудиле. Еден ден се откажал. Се уверил дека обидите се залудни. А потоа пораснал и тежел неколку тона, но и понатаму бил врзан со истите синџири, кои сега без проблем можел да ги скрши. Но, никогаш не се обидел поради болното уверување што го стекнал кога бил мал.

Така што, родителите кои поставуваат крути граници краткорочно ја постигнуваат целта и тие деца сигурно ќе станат „подобри“. Но, ќе се движат во рамките што родителите круто им ги поставиле и во тие рамки ќе бидат среќни. На крајот тоа ќе стане нивна „комфорна зона“ од која нема да сакаат да излезат. Но, проблемот ќе настане кога ќе пораснат. Децата што се одгледувани круто стануваат луѓе на кои им е тешко да излезат од својата комфорна зона и многу е веројатно дека ќе бараат некој нов авторитет кој ќе им поставува граници, бидејќи така ќе се чувствуваат посигурни.

Затоа добро размислете кога на своите деца им поставувате граници. Водете се од љубовта и бидете флексибилни, бидејќи границите се тука да ги рушиме, а децата се светски прваци во тоа!

Извор

Поврзани написи

To top