Поради недостиг на време, а со желба за задоволување на сите барања на децата, тие се поставуваат хиерархиски повисоко од нас, а тоа не треба да е така

Време за децата! Квалитетно поминато. Тоа е она на што најчесто забораваат денешните родители. Децата бараат внимание, а ако во текот на денот им посветиме добри три часа, бенефитите во оформувањето на нивната личност ќе бидат евидентни во свое време. Поради недостиг на време, а со желба за задоволување на сите барања на децата, тие хиерархиски се поставуваат над нас, а тоа не треба да е така, вели Биљана Ивановска, психолог, соработничка на Деца.мк.

Ивановска е психолог во кумановската болница, но нејзините активности не завршуваат на работното место. Таа е претседател на здружението за умствен развој на деца „Бреин Гинис“- Куманово, а работи и со програми за интелектуален развој на деца бреинобреин, како и на програми за учење и за предучилишни и за училишни деца, организира семинари за наставен кадар и за родители, натпревар за иновативни ученици. Автор е на две куклени претстави.

Ќе одат ли мајките на работа наместо децата еден ден?

– Денес општо земено секој се труди да биде совршен. Така и родителите. Со мислата дека секој се стреми и се труди да изгради и израсне здрави, во секоја смисла, деца, а истовремено да одговори на сите задачи во текот на секојдневието, тешко може да кажеме дека постои совршен родител. Голем дел од родителите настапуваат презаштитнички кога се во прашање децата – вели нашата соговорничка.

Со сопругот и децата

На прашањето што е тоа што може да се промени кога станува збор за учење, и во семејството, и во образовниот процес, а позитивно ќе влијае врз детскиот развој, одговара со цитат од Урош Петровиќ, еден од основачите за НТЦ-системот за учење заедно со Рајко Рајовиќ: „Сè што правите наместо детето, го правите против него“.
– Меѓу другото, тоа се однесува и на учењето. Мајките спремаат книги за утрешниот ден, ги оправдуваат децата на тестови, дури имам податоци дека и тие ги читаат лектирите, а потоа им ги прераскажуваат најважните делови. Исто така, им пишуваат состави по македонски јазик и што уште не… Би ги прашала дали утре кога ќе тргнат на работа, ќе одат наместо нив? – вели Ивановска.

Голем дел од децата не се самостојни, предупредува таа, а самостојноста и одговорноста не се развиваат зашто родителите им ги завршуваат обврските.
– Што се однесува до моделите во образовниот систем, јас лично сметам дека начинот на оценување не е добар бидејќи тестовите влечат удел во формирањето на оценката. Почесто усно испрашување, според мене, ќе оформи поквалитетни ученици бидејќи на тој начин се креираат и изразувањето и ораторските капацитети, што е од исклучителна важност. Не знам дали наставниците ќе се сложат со мене, но сметам дека голем дел од учениците немаат сукцесивно и јасно изразување, што секако е резултат и на нечитањето – вели психологот.

Спонтаност и ненаметнување во родителството

Биљана, инаку, е сопруга на Ивица, мајка на Давид, Бруно и Дора. Вели дека домашните и професионалните активности воопшто не ја одделуваат од надворешниот свет.
– Напротив, наоѓам време да се видам и со моите другарки, со кои негуваме 30-годишно пријателство – вели таа.

Како родител на 3 деца, објаснува дека уште учи од нив.
– Не научив, туку уште учам. Моментално го доживувам влезот во пубертет со Давид и Бруно, а живеам и во светот на бајките со Дора… Честопати кажувам дека одгледувањето две деца е песна, но веќе со три, светот се врти за 360 степени. Ги сакам спонтаноста и ненаметнувањето во секоја смисла, па и во родителството. Но сакам да се почитува зборот на родителот. И не за џабе е кажано, кога се сака, сѐ се може. Можеби токму тоа е мојата формула за постигнувања – вели Ивановска.

Уживајте во родителството, уживајте во животот!

На родителите им порачува да бидат опуштени, а во исто време авторитативни.
– Научете ги децата да ве почитуваат, а тоа ќе рефлектира и со почитување кон наставниците. И немојте да се стремите да бидете совршен родител, затоа што тоа е невозможно. Едноставно уживајте во родителството, уживајте во животот! – додава Биљана.



912

X