Освен што се отсекогаш со нас, суперхероите се насекаде: во филмови, цртани, испечатени на торби, маици – и се неизбежни во секојдневието. Да се угледате на суперхерој, имитирајќи личност која сосема јасно се бори против злото со својата супермоќ, на децата им е поблиско отколку да се угледаат на реални суперхерои, како лекари, пожарникари, полицајци и научници. Бидејќи, какви забавни суперсили имаат тие луѓе? И може ли просечно петгодишно дете да ги препознае реалните опасности што нè демнат и начините на кои вистинските суперхерои се борат против нив?
Тешко е на своето дете да му ја објасните борбата против глад, под знак прашалник се разговорите за војните, како и за опасните заразни болести и еколошки и природни катастрофи. Но, тоа дека голем метеор оди кон Земјата и треба да го пренасочи, сопре или уништи единствено некој суперсилен човек во несекојдневен костим и тоа со голи раце, не само што на детето му е логично, туку му е и возбудливо и забавно. А детството треба да биде забавно, треба да има смешен костим со огромна наметка која се виори на ветрот, додека јунакот скока, трча и се бори со импресионирачка сериозност.
Но, дали сите суперхерои се добри?
Добриот херој како Супермен нема апсолутно никаква маана освен чувствителност на криптонит, но Железниот Човек, речиси најголемиот херој на денешницата, е многу интересна личност. Таквите суперхерои, всушност, се акциски јунаци кои не ги поттикнуваат децата да ги ценат вистинските човечки вредности. Задача на секој родител е да води сметка на каков јунак детето ќе се угледа и каква поука ќе научи од однесувањето на својот херој. Разликата помеѓу суперхеројот и акцискиот херој и нивната генерална мотивација како личности кои се кријат зад моќниот костим е многу голема.
Тези што се во одбрана на суперхеројството
– Основно поимање: Преземањето улога на суперхерој му помага на детето да ја научи разликата помеѓу доброто и злото, како и лошото и прифатливото, а на родителите им дава можност да разговараат со своите деца за тие важни животни прашања.
-Самодоверба: Сè е можно во светот на суперхероите. Сета таа имагинативна игра е одлична вежба за детскиот мозок, па им помага на децата да развијат компетенција и самодоверба за реалните пригоди во кои баш тие способности се неопходни.
-Беспомошност: Според студии на клинички психолози, ако поединецот поседува супермоќ во виртуелниот свет, многу веројатно е дека ќе биде подготвен да помогне и во реалниот свет.
-Зајакнување: Децата имаат ограничена контрола над речиси сите аспекти во сопствениот живот. Со станувањето суперхерој во игра добиваат одреден вид контрола. Таквата игра може да им помогне да одглумат и да поминат низ внатрешните немири и чувства на немоќ. Дури им помага и самостојно да ги разрешат или намалат стравовите и анксиозноста. Исто така, може да експериментираат со различни карактеристики, па да дојдат до заклучок какви луѓе сакаат да бидат.
-Здрав избор на храна: Децата самостојно ќе изберат поздрава храна размислувајќи за тоа што би јадел нивниот омилен суперхерој.

Тези против суперхероите
-Насилство: Денес суперхероите учествуваат во необично голем распон на насилство.
-Соодветност на возраста: Суперхероите што денес ги читаме и гледаме не се суперхерои за деца од претшколска возраст. Вистинскиот суперхерој за возраста за која говориме е Градителот Боб и слични. На родителите им се препорачува Спајдермен и Супермен да им бидат достапни на децата кога ќе навршат 7 години, а Бетмен една година подоцна.
-Сигурност: Костимот на суперхеројот може кај децата да разбуди можности кои би требало да бидат под постојан надзор. Нереалните детски очекувања кога се во костимот од омилениот суперхерој може да доведат до сериозни телесни повреди.
-Агресивност: Овде нема аргументи против, суперхероите се агресивни. Ризикот од играта на суперхеројот понекогаш е таков што детското однесување станува хаотично и е надвор од контрола ако детето целосно се соживее со улогата. Некои сметаат дека дозволувањето на таквата игра е всушност дозвола за агресивно однесување. Контролирањето на нивото на агресивност во текот на таквата игра е предизвик за родителите. Разговарајте со детето за позитивните карактеристики на омилениот јунак, како што е мудрото размислување или грижа за другите. Помогнете играта да се обликува низ приказна која ќе ја ограничи изложеноста на детето кон агресивно однесување.
Автор: Јосипа Бркиќ