Ако имате деца, погледнете понекогаш во синиот сатенски свод, па ако меѓу ѕвездите забележите барем една на која би сакале да ѝ бидете поблиску, сетете се на децата, бидејќи дури иако во тоа не успеете, наместо вас сето тоа ќе го направат вашите деца.
Одговорете на сите нивни прашања, најдете време за нив, па макар потоа да морате да читате и стари весници, бакнете ги нивните добри детски соништа, направете нивните чудесно светкави очи да гледаат само добри зајдисонца, ведри денови и големи ѕвезди.
Не дозволувајте нивната имагинација да биде сотрена од злото.
Не дозволувајте вашето дете да порасне, а неговата радост да биде поголема во земањето отколку во давањето.

Сопрете го светот, сопрете го времето ако не стигнете да им дадете на децата сè што им треба за да пораснат во чиста убавина, бидејќи за она што сега се случува, не се виновни децата.
Кога човекот подобро ќе размисли, децата сè уште се единственото добро што му останало на човештвото. Сè друго е уништено во настојувањето малото човечко битие да биде поголемо од мислите, од зборовите, од Бога.
Автор: Синиша Главашевиќ