Кога децата се мали, секоја шега направена од родителите кај нив поминува. Може да ја направите најголемата глупост и на децата пак ќе им биде најсмешна.

И тогаш децата малку потпораснуваат, па прават чекор кон пубертетот и ние полека им стануваме досадни. Превртувањето на очите е почеста појава, а во пубертетот е секојдневие.

Родителскиот хумор мора да стане малку пософистициран, и да ги смени темата, тонот и улогите. Сѐ за да реагираат барем малку оние на кои им се наменети шегите. Но, тие сепак ги превртуваат очите. Изгледа дека немаат смисла за хумор и дека без потреба ги трошите добрите шеги на нив.

Но, не е така. Едно истражување се занимавало со ова прашање, па ги прашало луѓето за нивните искуства додека растеле со и без хумор и нивните ставови за детството.

– Утврдено е дека луѓето што се воспитувани од возрасни кои користеле хумор имаат подобар поглед кон нивните родители или старатели, со поголема веројатност да кажат дека имаат добар однос со нив, со поголема веројатност да кажат дека завршиле добра работа и да кажат дека би ги користеле истите техники за родителство – вели авторот на истражувањето, д-р Бенџамин Леви, професор по педијатрија и хуманитарни науки на Државниот медицински колеџ во Пенсилванија.

Иако ова е мало истражување, а популацијата не е доволно разновидна за такви веродостојни резултати, ова е само првиот чекор кон пошироко истражување.

– Ова е само прво од неколкуте истражувања што ги правиме за подобро да разбереме како хуморот се користел со децата и каква корист имаат децата од него – вели Леви.

Тој нагласи дека хуморот не се користи само за да се насмее семејството, туку има многу важни функции во родителството.

– Тоа некако ве принудува да реагирате поинаку, што отвора нови перспективи и нови можности. Таков вид врска може да биде многу охрабрувачка за односот дете-родител – вели Леви.

– Понекогаш хуморот може да помогне во ублажувањето на лошото расположение кое доаѓа природно и се развива додека децата растат – вели Ен Либера, коавтор на истражувањето и вонреден професор по пишување комедии и изведба на колеџот Колумбија во Чикаго.

Во други случаи, употребата на хумор може да создаде врска помеѓу родителот и детето што ќе го олесни решавањето на проблемите. Покрај тоа што го ублажува стресот и ги олеснува социјалните интеракции, хуморот промовира јазични и вештини за описменување, креативно решавање проблеми и издржливост и им помага на децата да се справат со разочарувањето, забележуваат експертите.

И шегата може да биде корисна за родител како возрасна личност, забележуваат тие.

– Користењето хумор може да го промени однесувањето на вашето дете, но исто така може да ви помогне да ја реконструирате стресната ситуација, што може да биде спас за родителите – вели Ен Либеро.

Кога шегите ќе тргнат наопаку

Сепак, хуморот не е лек за сѐ, смета Леви. Кога и како ефективно да се користи е дел од следниот чекор во истражувањето.

– Вистинското прашање е како хуморот може соодветно да се искористи за децата. Затоа што хуморот може да се користи како оружје. Хуморот може да биде експлоататорски – вели тој.

Корисноста на хуморот зависи од различни фактори: возраста на детето, проблемот со кој се занимава, намерата на личноста што се шегува и темпераментот на личноста што се шегува. Важно е возрасен човек со поголема моќ од нивното дете да не користи хумор за да направи детето да се чувствува немоќно.

Хуморот е како игра, забележуваат тие. Ако само исмеваме некого, тоа не е игра што тој може да ја игра. Најдобриот хумор што можеме да го користиме со нашите деца е оној што нѐ става во иста позиција. Експертите предупредуваат дека сарказмот не е најдобар избор, иако често се користи, бидејќи децата не можат секогаш да го разберат.

– Држете се до родителските шеги и хумористичните обиди за решавање проблеми за кои знаете дека ќе го намалат стресот и ќе го одржат семејството ангажирано на позитивен начин – заклучуваат авторите на истражувањето.

Извор



912

X