Ќотекот или физичкото казнување не е единствениот вид насилство што го трпат децата. Тоа може да се манифестира преку остри и груби критики, најчесто насочени кон личноста на детето

Некогаш родителите ги применуваат воспитните методи на нивните родители поради кои можеби и самите пателе и им нанеле штета. Во нашето општествено поднебје сè уште физичкото казнување е еден од најпрактикуваните воспитни методи што ги користат родителите. Тоа несомнено е најефикасен начин на дисциплинирање деца, но ефикасноста е само моментална и краткорочна, кога родителот бргу ја постигнува својата цел. Но дали овој начин е делотворен и на долгорочен план, дали остава траги во раното детство врз менталното здравје и психолошката состојба на самото дете? Одговорите на овие прашања се многу значајни и родителите мора да ги знаат.

Насилството може да има и единствен психолошки карактер и да се манифестира преку остри и груби критики, најчесто насочени кон личноста на детето (на пример: глупав си, несмасен си, мрзлив си и трапав, грд си итн.), омаловажување (неспособен си, не вредиш, за ништо не те бидува, заслужуваш само најлошо…), пцости, навреди и користење негативни етикетирања (вол, говедо, лузер, губитник…)

Децата реагираат на родителското насилство на два начина. Половина од оние што во детството биле изложени на насилство во домот како возрасни стануваат агресивни, деструктивни и насилни кон семејството, другите луѓе и социјалната околина. Другата половина преживеаното насилството ќе го насочат кон себе и стануваат автоагресивни и автодеструктивни, па ќе одбираат насилни партнерски фигури, ќе бидат склони кон пороци и зависности. Во принцип, најчесто момчињата стануваат деструктивни, а девојчињата автодеструктивни. Но во поново време сè почесто се случува да биде и обратно. Ова се млади или возрасни луѓе кои мора многу да работат на себе, најчесто со психолошка поддршка.

Христина Стефановска

Она што за секое дете ќе важи е ниското чувство на сопствена вредност, чувство дека е вишок, дека му пречи некому, чувство на неприфатеност, лоша слика за себе, тешкотии во учењето и намалена концентрација, како и психосоцијални проблеми. Децата се единствени и имаат способност да ги преживеат сите насилни сцени, но тоа не значи дека им е добро ако не покажуваат уочливо однесување. Децата што се воспитувани и казнувани со насилни воспитни методи не престануваат да ги сакаат своите родители, но престануваат да се сакаат себеси.

Не значи дека родителот е ненасилен доколку не користи физичко казнување. Насилството може да има и единствен психолошки карактер и да се манифестира преку остри и груби критики, најчесто насочени кон личноста на детето (на пример: глупав си, несмасен си, мрзлив си и трапав, грд си итн.), омаловажување (неспособен си, не вредиш, за ништо не те бидува, заслужуваш само најлошо…), пцости, навреди и користење негативни етикетирања (вол, говедо, лузер, губитник…). Овие воспитни методи креираат деца кои стануваат несигурни во себе, немаат или не искажуваат сопствени мислења и ставови, не донесуваат самостојно одлуки, стануваат зависни и социофобни, со лоша слика за себе, а во раното детство често развиваат сепарациона анксиозност, може да имаат кошмарни соништа и нарушување во сонот, тикови и фрустративни елементи во личноста, а подоцна може да се јават и нарушувања во исхраната, анорексија или булимија.

Децата не може да ја направат разликата, и птиците родени во кафез мислат дека летањето е болест. Но родителите можат и вреди да се потрудат детето да се сака и себеси

Во овој контекст го споменувам и психологот Френклин, кој го испитуваше ефектот од критиката и пофалбата врз однесувањето кај деца и го смисли следниов експеримент. Тој почна да ги фали уморните деца и потоа да ја мери нивната енергија на специјален уред наречен ергограф. На уредот се гледало дека по упатените ПОФАЛБИ, доаѓало до покачување на енергијата и заморот кај уморните деца исчезнувал, а децата биле продуктивни во извршувањето на зададените задачи. Потоа децата добивале критики и погрдни зборови и повторно биле ставани на ергограф. Во тој случај се забележувало дека енергијата одеднаш паѓа и по КРИТИКИТЕ детето било уморно, но давало и ниски резултати извршувајќи ги зададените задачи. Ова значи дека критиките му ја одземаат менталната енергија и психолошка моќ на детето, а пофалбите ја зголемуваат психолошката сила.

Децата не може да ја направат разликата. И птиците родени во кафез мислат дека летањето е болест. Но родителите можат и вреди да се потрудат детето да се сака и себеси.
Удирањето на детето е всушност удирање по неговата ментална стабилност!

Автор: Христина Стефановска, лиценциран психолог



912

X