Игротека

Децата на претерано амбициозните родители често се депресивни и бунтовни

Секој родител сака детето да му биде успешно, среќно и задоволно, но некогаш оваа желба на родителите е толку голема, што ги надминува можностите и капацитетите на детето. Кога во семејството се форсира успехот по секоја цена, детето стекнува уверување дека вреди само ако е успешно, а ако не ги постигне дадените критериуми, се чувствува безвредно и депресивно. Често и самите родители мислат дека луѓето вредат само ако се успешни, богати и познати. Ретко ги ценат постигнувањата на другите луѓе, а своите нереализирани амбиции им ги пренесуваат на децата. Тогаш децата повеќе не го живеат својот живот, туку нивниот.

Вообичаени се примерите кога родителите ги тераат децата да бидат најдобри во некој спорт или да постигнат највисока академска титула или да се занимаваат со професија што тие им ја избрале.

Од ваквите професии во практика се среќаваат два типа деца. Првиот тип се деца што успеале да ги задоволат критериумите на нивните родители – тие постигнуваат високи резултати на училиште, но не се чувствуваат задоволно и исполнето. Добиваат пофалби од опкружувањето за своите постигнувања и тоа ги мотивира за понатамошна работа, но се присилени на успехот бидејќи длабоко во себе знаат дека ако не го постигнат она што се очекува од нив, никој не би ги сакал, ниту би ги фалел, односно дека не вредат. Го прават она што го сака опкружувањето, па на тој пат не знаат што навистина сакаат и затоа чувствуваат големо незадоволство.

Другиот тип деца се оние што немаат капацитет да ги исполнат очекувањата на родителите. Тие главно веруваат дека не вредат доволно како човечко суштество ако не постигнат успех, често се депресивни и често се бунтуваат против родителите бидејќи сакаат да изградат своја автономија низ спротивставување на родителските желби. Еден младич, по одличниот академски успех, го напуштил средното елитно училиште во втора година и отишол на амбулантно лекување во психијатриска установа, по што се чувствувал подобро и го продолжил психотерапевтскиот процес. Имал успешен татко и амбициозна мајка за кои академскиот успех на децата бил најважен во животот и престиж во општеството.

– Иако правев сè за да ги задоволам амбициите на мојата мајка, не можев да го издржам тоа, пукнав и повеќе немав сила и енергија за ништо. Во ова училиште никој не ме сфаќа, ниту прифаќа, а ништо подобро не е ни дома. Сакам да го напуштам ова училиште и ова општество и да почнам од почеток. Нешто што јас го сакам, а не што тие го сакаат. Кога ми се случи тоа, виновни ми беа тие, бидејќи сите мои потези беа нивни одлуки, не знам што сакав. Сега сфатив дека тоа е и моја одговорност, имав можност за избор, но полесно ми беше некој друг да ја преземе одговорноста за мојот живот. Полесно е да се обвинуваат другите за неуспесите отколку себеси. Сега сакам да се запознам себеси и да откријам што сакам.

Ова е еден од многубројните примери на децата кои покрај преамбициозните и пресугестивните родители ги губат својот идентитет и својата автономија. Одделувањето од родителите и работата на себеси низ психотерапија, како именувањето на своите навики, може да им помогне да ја пребродат кризата, да стекнат сигурност, да развијат автономија, да се запознаат себеси и да ја најдат смислата на животот. Само така ќе можат да бидат успешни и задоволни, но и слободни во своите избори. Нормално е родителите да сакаат нивното дете да биде успешно, но не и да го форсираат успехот по секоја цена. Покрај успехот, важно е да се нагласат и другите особини на личноста, како што е емпатијата, упорноста, духовитоста, интуитивноста, хуманоста, снаодливоста, трудот… Добро е децата уште на најраната возраст да имаат повеќе хобија во кои ќе најдат задоволство без оглед на постигнувањата, бидејќи овие активности ќе им бидат долгорочни вентили во животот од кои ќе ја полнат животната енергија кога ќе го почувствуваат притисокот на животот.

Важно е што порано да ги пуштите сами да донесуваат одлуки за важни прашања и да ја преземат одговорноста за својот избор, дури и ако погрешат. Тоа понекогаш е потешкиот пат, но е пат на кој можат да стекнат сигурност во себе и својата способност и самоодговорност. А тоа е и целта на растењето – создавање автономија, самостојност и слобода.

За едно дете да дојде дотаму, родителите треба да бидат со него додека не стане способно да лета, а потоа да го пуштат да одлета со сопствените крилја.

Автор: Љубица Богетиќ

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top