Здравје

Децата на постари мајки имаат поголеми здравствени ризици како возрасни?

Децата родени од постари мајки би можеле да имаат поголеми ризици од кардиоваскуларни болести подоцна во животот, покажува едно ново истражување.

Истражувачите на Универзитетот во Алберта, Канада, заклучија дека ова повеќе важи за машките потомци.

Раѓањето на поголема возраст влијае врз здравјето на бебето

Во развиените земји просечната возраст на жените што го раѓаат своето прво дете се зголемува. Поради ова, истражувачите веруваат дека нивните наоди може да имаат вредни импликации за здравјето на населението.

– Ова истражување е важно бидејќи го подобрува нашето разбирање за влијанието на раѓањето на поголема возраст врз здравјето на бебето во подоцнежниот живот – изјави доктор Сандра Т. Давидџ, главен истражувач.

За да го спроведат истражувањето, тие користеле постари стаорци на возраст еднаква на 35-годишна жена.

На возраст од 4 месеци на нивните бебиња им биле тестирани крвните садови и функцијата на срцето. Истражувачите откриле дека децата на постарите стаорци имаат знаци на послаб кардиоваскуларен систем од оние родени од помлади стаорци.

Да се развијат превентивни третмани

Исто така, тие откриле дека на машките стаорци им било потребно подолго време да закрепнат од срцева исхемија или недостиг на проток на крв во срцето.

Во идните истражувања научниците ќе се обидат да научат дали истото важи и за бебињата на луѓето. Доколку е така, оваа информација може да се искористи за развивање превентивни третмани за децата родени од постари жени.

– Мора да откриеме дали ова важи и за луѓето – вели д-р Илан Шапиро, педијатар и медицински директор за здравствена едукација и здравје во Калифорнија.

Со изминувањето на годините бројот и квалитетот на јајцата почнува да опаѓа особено откако жената стигнува до средината на 30-тите години. Тоа е една од причините поради кои потешко забременувате на подоцнежни години.

Друг проблем е тоа што и постарите жени и постарите мажи имаат здравствени проблеми. По 35 години бременоста ги зголемува ризиците од компликации, како што се хипертензија, рестрикција на феталниот раст и предвремено пораѓање.

Поврзани написи

To top