Малите деца обожаваат приказни, а читањето не само што ги забавува туку тоа е и витална форма на образование во раното детство.

Неодамнешно истражување објавено во „Списание за развојна и бихевиорална педијатрија“ открива дека децата на кои родителите им читаат пет книги дневно тргнуваат во градинка со повеќе од еден милион зборови отколку децата чии родители не им читаат.

А ако пет книги дневно не е секогаш возможно да ги прочитате, не грижете се – истражувачите откриле дека дури и една книга дневно на децата им дава околу 290.000 повеќе зборови на возраст до пет години. – Децата што слушаат многу повеќе зборови ќе бидат подобро подготвени кога ќе ги видат тие зборови напишани кога ќе тргнат во училиште – вели Џесика Логан, главен автор на истражувањето.


Таа вели дека го почнала истражувањето бидејќи била прилично шокирана од она што го слушнала во текот на нејзините претходни истражувања, во кои открила дека на една четвртина од децата родителите никогаш не им читаат.

– Фактот дека има толку многу родители што рекле дека никогаш или ретко им читаат на нивните деца е прилично шокантен за нас. Сакавме да откриеме што тоа значи за нивните деца – објаснува таа.

Логан и нејзините колеги направиле пресметки користејќи ги 100. најчитани сликовници и книги. Врз основа на тие пресметки, еве колку зборови проценуваат дека децата слушаат до периодот кога ќе наполнат 5 години:

– Ако никогаш не сте им читале, тие ќе слушнат 4.662 збора.

– Ако им читате 1-2 неделно, тие ќе слушнат 63.570 збора.

– Ако им читате 3-5 пати неделно, тие ќе слушнат 169.520 збора.

– Ако им читате секој ден, тие ќе слушнат 296.660 збора.

– Ако им читате пет книги дневно, ќе слушнат неверојатни 1.483.300 збора до нивната петта година.

Според Логан, јазот тука е неверојатен бидејќи вели дека постои разлика меѓу вокабуларот што нашите деца го слушаат во секојдневниот говор и во вид на вокабулар на кој се изложени во приказната. На пример, ретко се среќаваме со пингвин во вистинскиот свет, но ако читаме приказна за животот на Антарктикот, нашите деца ќе слушнат еден куп нови зборови што ќе создадат смисла и врска во нивните мали мозоци. Логан верува дека процената од 1.483.300 може дури и да биде конзервативна, бидејќи родителите често додаваат во приказните, за децата да слушаат уште повеќе зборови.

Членската книшка од библиотека може да е евтина или бесплатна, но може да биде непроценлива алатка за успех на нашите деца.



912

X