Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на две деца, 10 и 7 години. И веќе не можам да се справам со нивното однесување. Морам неколку пати да повторам за нешто и по 100. пат морам да почнам да викам и понекогаш да плеснам, но и тоа не помага. Пробав и со убаво, и со разговор, и со награди, и со последици – буквално со сè.
И со поголемиот имаме поголеми проблеми, цело време игра игри и ништо веќе не можеме да му кажеме. Почна и да пцуе, да не слуша ама баш ништо и од ништо не е задоволен. Кога ќе излезе надвор, секогаш се враќа или истепан или тој истепал некое дете. Ние сме биле лоши родители ако нешто не да му се дозволи.
Почна и малата веќе да не го почитува зборот и си тера сè по свое.
Знам дека јас сум највиновна бидејќи немам никаков авторитет и секогаш кога ќе кажам дека нешто не може, пак ќе го дозволам, ама барам помош каде да се обратам за да се промени сето ова бидејќи не сакам да биде доцна, ако веќе не е.
Прашува: мајка

ОДГОВОР: Драга мајка, сите родители би посакале да се авторитет врз своите деца, но треба да знаеме дека авторитетот не е нешто што се подразбира со самото тоа што сте татко или мајка, туку тоа е нешто што постепено се гради и за кое се потребни одредени родителски предуслови. Најнапред потребно е детето да ви верува и да има доверба во вас, тоа значи дека кога сте ветиле, и сте исполниле. Децата треба да ја видат и доследноста на родителот, односно кога нешто забранувате, ветувате, казнувате, треба да останете доследни на она што сте го кажале. Кога ги критикувате, важно е да ја критикувате постапката, а не детската личност, но најдобро испраќајќи ЈАС наместо ТИ ПОРАКИ. На пример, наместо: „Ти знаеш само да се тепаш, ако продолжиш вака, нема да имаш другари“, подобро би било: „Јас мислам дека тепањето со другарче е крајно неприфатливо и мене не ми се допаѓа кога моето дете направило нешто такво“.

Христина Стефановска


Во вашиот однос потребно е да важат секогаш истите правила без разлика на околностите. Исто така, многу е важно да не забранувате, казнувате или имате некакви барања од децата кога сте лошо расположени, лути или нервозни. Споменавте дека поголемото дете е цело време на некаков уред што го прави дополнително раздразливо и доколку е вклучено во агресивни видеоигри, усвојува лош модел на однесување и комуницирање манифестирајќи го со вас и околината, т.е. врсниците. Помалото дете во случајот се охрабрува и учи по модел присвојувајќи го однесувањето на повозрасното или, пак, лошо се однесува со вас доколку братчето лошо се однесува со неа.
Затоа бидете доследни во дисциплинирањето и поставувањето граници, но и во исполнувањето на ветувањата, разговарајте за сè отворено, дури и за вашите чувства, постојано укажувајте им колку ви значат и дека безрезервно ги сакате.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X