Првиот ден на училиште. Многу непроспиени ноќи, параноја за она што нè очекува и стравови за почетокот на учебната година.
Маските, дистанцирањето во училниците, начинот на влегување во училиштата, како и излегувањето, оброците, рекреацијата – сите простории кои константно се дезинфицираат. А децата не смеат да се прегрнат, допрат, бакнат. Ниту наставниците да ги погалат. Но, како ќе се одвива сето тоа? Како ќе одолеат? Како ќе ја поминат целата година на ваков начин? Едноставно е незамисливо.
Но, децата ни кажаа како ќе го сторат тоа. За многу ученици од Италија 14 септември беше првиот училиштен ден од новата учебна година. Едноставно, магично. Бидејќи дури и со маските, на еден метар растојание, со ранците од 10 килограми на грбот (единствената константа), беше доволно да се видат едни со други, да зборуваат, да се прегрнат со очите како сè да е исто.
А за нас, мајките, доволно беше да ја набљудуваме светлината во нивните очи, да ја вдишеме нивната среќа, да почувствуваме како таа тежина на срцата се топи, таа тензија се намалува, да се помисли за момент дека можеби и покрај сè, можеме да го изведеме ова. Бидејќи тие ќе нè научат како да продолжиме напред. Со тоа што се деца, дечиња, со тоа што нивната отпорност е многу подобра од нашата, нивната приспособливост и константен ентузијазам, без разлика на сè – граници, правила, рестрикции.
Моите деца овие денови ниту еднаш не ми рекоа: „Но, како ќе стоиме со маските, без да се прегрнеме?“ Нивната единствена грижа беше: „Дали конечно ќе ги видам своите пријатели? И наставниците?“ По сите месеци на затворање, онлајн-учење, лекции и виртуелни врски, тие само сакаат да бидат физички присутни еден до друг. Дури и на 1,5 метар. Кому му е гајле за дистанците и бариерите. Ќе поминат низ сè. А во смена на улогите, оваа година можеби ќе биде запаметена во историјата како онаа во која децата и тинејџерите ги научија нешто возрасните.
Автор: Иларија Бараброса