Децата ги напаѓаат своите родители за време на карантинот поради коронавирусот во Велика Британија – тамошните надлежни предупредуваат на пораст на бројот на вакви случаи поради зголемување на тензијата во семејствата во последниот период. Комесарот за жртви за Англија и Велс, Дама Вера Бер, изјавила дека е забележан пораст во бројот на случаи од „нов вид семејно насилство“.
– Има податоци за насилство од страна на постари деца врз родителите, што укажува дека веројатно причината е тоа што децата сакаат да излезат надвор, а не им е дозволено во овој период. Зборуваме за тинејџери, а тоа е загрижувачко – објаснува таа.
Зборувајќи со парламентарниот Комитет за правда, таа рекла дека СОС-повиците до линиите за помош се во далеку поголем број за кратко време отколку поплаките упатени до полицијата.
– Никој не се сомнева дека семејното насилство експоненцијално е во пораст и е многу потешко жртвата да избега од насилникот кога е принудена да седи со него во карантин – додала таа. Дама Вера ја обвинила владата дека е премногу бавна во однос на дејствувањето против семејното насилство за време на карантинот кога „секоја друга криза имала сличен развој“.
– Беше очигледно дека ќе дојде до оваа епидемија во рамките на пандемија, тоа укажува на слабо лидерство. Требаше да се означи како проблем многу порано, со доволна финансиска помош за поддршка на службите кои се борат со зголемен број барања – додава таа.
Финансирањето на службите кое било ветено од страна на државниот секретар за време на велигденските празници не е реализирано.
– Загрижува тоа што ситуацијата ќе станува полоша, а семејното насилство има тенденција да ескалира кога не е спречено. Сексуалното насилство исто така е екстремно загрижувачко – две третини од сексуалната злоупотреба се случуваат во домот. Таа предвидува „цунами од поплаки“ со оглед на состојбата со карантинот и побарала од владата да креира план за луѓето што бараат помош. Вели дека шелтер-центрите во моментов се преполни, а барањата жртвите да се сместат во хотели и други такви објекти не се разгледани. Уште еден проблем е и зголемувањето на невработеноста и глобалната рецесија поради кризата со коронавирусот, па често жртвите кои пријавувале насилство истакнале дека немаат доволно пари и храна. Дама Вера изјавила дека владата мора да се подготви за „понасилно и повознемирено општество“, по карантинот. „Ако има економски предизвици, тогаш често се случува да има и пораст на криминалот и нередот“, вели таа.
Иако криминалните дела се во опаѓање за 28 проценти за време на карантинот, Дама Вера истакнува дека луѓето се фрустрираат и лутината кај нив е зголемена, па нема да биде изненадување ако дојде до пораст на криминалот и безредието со оглед на сето ова што се случува. Полицијата се обврзала да продолжи да реагира на инцидентите, и покрај недостигот на персонал, но Службата за гонење истакнала дека помалку криминалци ќе бидат осудени.
– Неизбежно е сето ова да доведе до поголема диверзија, поголема внимателност и помалку преземање идни соодветни мерки. Мораме да бидеме многу внимателни за жртвите да бидат земени предвид – рекла Дама Вера. Во моментов не се одржуваат судења и само итните криминални случаи се водат од експерти, со оглед на тоа дека половина од судовите се затворени. Во однос на искуствата на жртвите, Дама Вера истакнала дека има „повеќе од 37.400 судски случаи“ и таа бројка ќе продолжи да се зголемува. Истакнала и дека се случувало жртвите да не знаат до последната минута дека нивниот случај е одложен, додека некои биле збунети за правилата во однос на присуство на судење, со оглед на тоа дека здравјето може да им биде загрозено.
Таа додала дека „збунетоста и хаосот“ може да предизвика жртвите да се откажат од судските спорови бидејќи стапката на осуди бележи голем пад во 2019 година. Таа повторува правата на жртвите да бидат приоритет, откако владата ветила дека ќе ја подобри поддршката.
– Системски нема никој чија одговорност е да се осигури дека жртвите и сведоците ќе го добијат соодветниот третман. Треба уште многу да изодиме за да им дадеме на жртвите подобар третман од оној што сега го имаат, без да влијаеме врз нивните права за одбрана – додава таа.
Автор: Лизи Дирден