Универзитетот во Лидс, Велика Британија, спроведе истражување за влијанието на вклученоста на татковците во воспитувањето на децата и дојде до заклучок дека децата постигнуваат подобар успех на училиште доколку татковците редовно работат со нив. Имено, студијата покажала дека татковците можат да им дадат предност на своите деца во образованието во основното училиште преку читање, цртање и играње со нив.

Подобриот успех на училиште зависи од времето и активностите поминати со таткото

Истражувањето на научниците од Универзитетот во Лидс покажало дека децата напредуваат во основно училиште ако нивните татковци редовно поминуваат време со нив, во интерактивни активности како што се читањето, играњето, раскажувањето приказни, цртањето и пеењето. Анализирајќи ги резултатите од тестовите за основно училиште за деца од пет и седум години, истражувачите користеле репрезентативен примерок од речиси 5.000 домаќинства со мајки, татковци и деца родени од 2000 година во Велика Британија.

Според истражувањето, татковците кои редовно цртале, играле и читале со своите тригодишни деца им помогнале на децата подобро да учат на училиште до петтата година од животот. Татковците кои биле вклучени и присутни, кога детето имало 5 години, исто така, помогнале да се подобрат резултатите во процените на клучните фази кај седумгодишните деца.

Мајките имаат поголемо влијание врз емоционалното и социјалното однесување на децата

Мајките сè уште ја имаат и обично ја преземаат примарната улога на негувателки и затоа најмногу се грижат за децата, но доколку и татковците се активно вклучени во грижата, веројатноста децата да добијат подобри оценки во основното училиште значително се зголемува. „Затоа, охрабрувањето и поддршката на татковците да ја споделат грижата за децата со мајката, уште од најраната фаза од животот на детето, е многу важно“ – нагласила д-р Хелен Норман, научен соработник во бизнис-школата при Универзитетот во Лидс, која го водела истражувањето.

Вклученоста на татковците имала позитивен ефект врз училишните резултати на нивните деца, без разлика на пол, етничка припадност, возраст во учебната година и приходот од домаќинството, се вели во извештајот. Имало различни ефекти кога мајките и татковците учествувале во исти активности. Податоците покажале дека мајките имале поголемо влијание врз емоционалното и социјалното однесување на малите деца, отколку врз образовните достигнувања. Истражувачите препорачуваат татковците да одвојуваат што е можно повеќе време секоја недела за интерактивни активности со децата. За вработените татковци, на пример, дури и само 10 минути дневно поминати со децата, може да придонесат за образовни придобивки.

Начинот на кој градинките и училиштата ги вклучуваат родителите е клучен за подобар успех во училиштето

Оваа студија покажува дека дури и малите промени во она што го прават татковците и како училиштата и дневните згрижувачки центри работат со родителите, може да имаат трајно влијание врз учењето на децата. Исто така, истражувачите истакнуваат дека од клучно значење е татковците да бидат вклучени во работата со децата, уште од најмала возраст.

Д-р Џереми Дејвис, шеф на Одделението за влијание и комуникации на Институтот за татковство и еден од учесниците во истражувањето, вели дека анализата покажала оти татковците имаат важно, директно влијание врз учењето на нивните деца.

„Треба да го препознаеме ова и активно да најдеме начини да ја поддржиме стратегијата – татковците да ја играат својата улога, а не само мајките“ – смета д-р Дејвис, потсетувајќи дека студијата покажува оти дури и малите промени во она што го прават татковците и во начинот на кој училиштата и градинките работат со родителите, можат да имаат трајно влијание врз учењето на децата.

Извор



912

X