м-р Слаѓана Трајкова, логопед

м-р Слаѓана Трајкова, логопед

ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје
тел: 075 857 284

Повеќе од авторот

Кога родителот ќе увиди дека детето се соочува со проблем, треба навреме да побара помош

Октомври е месец посветен на дислексијата. Во текот на целиот месец ќе се зборува за неа, ќе се чита и ќе се пишува… И сè со една цел – да се подигне свеста на пошироката јавност за нејзиното постоење. Намерата е да се направи разлика помеѓу несовладаната техника на читање и пишување и нарушувањето во читањето и пишувањето, кои настануваат поради некоја развојна дисфункција и/или патолошка промена во централниот нервен систем.
Читањето и пишувањето се два процеса кои меѓусебно се зависни и кои имаат иста или барем слична неврофизиолошка и говорна основа, така што понекогаш, проучувајќи ги како настануваат, тешко можат да се раздвојат. Тоа е така затоа што под нормални услови не може да се замисли зборот да се напише, а веднаш да не се прочита, или во текот на читањето да не се тргне (почне) од графичките знаци (букви) кои се синтетизираат во збор.

Се работи за различни физиолошки процеси на движења – од пишан текст до негово разбирање и обратно – од мислата до графичка реализација.

Што е дислексија?

Доаѓа од грчкиот збор dis-слабо, лошо и lexiа-јазик. Дислексијата е нарушување во процесот на учење на читање и покрај тоа што детето има нормална интелигенција, добар вид, добар слух, добра систематска едукација (обука-учење) и други поволни услови, како што се едукативни, психолошки, социјални услови. Дислексијата уште се нарекува и развојна дислексија бидејќи се мисли дека доаѓа од проблемите на детското развивање и созревање.

Дислексичарот прави најразлични грешки додека чита и при секое повторно читање тој одново прави грешки. Ако му се даде збор или реченица за да ги прочита, ќе направи грешки на различни начини. И тоа што ќе го прочита, самиот не го разбира…

Како чита дислексичар

Како логопед по професија со долгогодишно работно искуство и долги години работејќи со деца што имаат ваква или слична проблематика, би издвоила еден пример од практика како чита еден дислексичар.

Текстот гласи: Оди и купи ми весник.

Дислексичарот чита вака:
Прв обид: Ди и капо ма евисинк.
Втор обид: И и ди кап ми ми васнаик.
Трет обид: И ида и кат ма васиа.

Ваквото невообичаено читање е преплавено со многу неправилности. Вистинската и специфична дислексија ја карактеризира голема ригидност кога се коригира. Со вежбање на читање и со логопедски рехабилитациски третман, дислексијата со текот на возраста се подобрува или се ублажува, грешките се намалуваат, а читањето станува поразбирливо. Но, проблемот и понатаму ќе биде присутен, а ќе се манифестира како отпор или несакање да се чита некој напишан или отпечатен текст. Дислексичарот нема да сака да чита и воопшто не е мотивиран да чита… Ако му се даде текст за да го прочита, впечатливо одбива и нема да сака или ќе чита доколку мора, ако бара наставникот од него, на пример.

80 отсто од учениците со слаб успех имаат дислексија. Повторно ќе кажам – не дека не сакаат да стекнуваат знаење, туку имаат тешкотија кога знаењето го стекнуваат преку читање.

Меѓутоа, детето со дислексија како профил е доста интересно дете. Има моќ на креативност и висока интуиција, по природа е независно и досетливо. Таквото дете многу сака да зборува и донесува брзи решенија, изобилува со многу интересни идеи и сака многу да игра. Кога оди на училиште и кога седи во училишната клупа, тоа не гледа во таблата што е напишано и не се труди да го прочита напишаното, туку времето го поминува повеќе гледајќи во наставникот, на пример, како е облечен, и го слуша што зборува.

Интересно е да се види како дете со дислексија се однесува во друштво. Во оваа пригода ќе го искористам цитатот на Пабло Пикасо: „Кога нешто сакаат – наоѓаат начин, кога нешто не сакаат – наоѓаат оправдување“.
Има вистина во ова…

Кога родителот ќе увиди дека детето се соочува со проблем, треба навреме да побара помош за да може да му се помогне со вежби.



912

X