За интровертноста, како една од темелните димензии на личноста, која и лаиците лесно ја препознаваат, може да се зборува дури кога ќе напредува умствениот развој и кога детето ќе има сè поголем увид во сопствените мисли и емоции. Иако кај лаикот постои знак на еднаквост помеѓу интровертното и повлеченото дете, психологијата како наука строго ги разделува тие два поими.
Интровертното дете има поголема потреба за мирно ќоше, сака да чита, да пишува, да слика, да моделира и да се занимава со слични активности кои главно не вклучуваат други деца. Но, никако не значи дека интровертното дете воедно е и повлечено, туку само дека не сака да се „продуцира“, но секогаш ќе најде неколку пријатели. Поверојатно е дека интровертното дете има свој богат свет на фантазија, замислени пријатели, домашни миленичиња… Понатаму, таквите деца на училиште поретко се јавуваат на час, односно не креваат рака и не се истакнуваат дури и кога го знаат одговорот, што, се разбира, резултира со послаб успех. Интровертите се често креативни, љубопитни, иновативни и длабоки мислители кои имаат неверојатни размислувања. Сакаат многу да слушаат, а малку да зборуваат. Но, кога ќе проговорат, веројатно од нив ќе чуете нешто многу смислено и логично бидејќи многу време поминале во анализирање и размислување.

Во одгледувањето на интровертот, пред сè, треба да се избегнува етикетирањето „како различна личност“ и поттикнување да биде она што не е, туку треба да му се даде до знаење дека неговото молчење, повлеченост и интровертност не се лоши. Треба да се знае дека интровертноста не е поттикнувач за психички нарушувања или болести. Тешкотиите од каква било природа може да се појават само ако секојдневно го терате вашето дете да биде нешто што не е. Прифаќањето на неговата интровертност ќе му помогне во откривање на сопствените сили и самоостварување.
Интровертите немаат многу пријатели, но односите што ги одржуваат се квалитетни, а тие се грижливи и емпатични во своите пријателства. Исто така, со оглед на тоа дека се фокусирани на активностите што ги интересираат, често се успешни во работите со кои се занимаваат. Ако ги откриете афинитетите на вашето дете, поддржете го во тоа бидејќи така ќе му помогнете во јакнењето на неговата самопочит и самодоверба.
Автор: Сања Маташиќ