Се разбира, родителите ги сакаат своите деца, но не е доволно само да го кажат тоа. Треба да се покаже стабилност, прифаќање и љубов, дури и во оние ситуации кога се чини тешко. Постојат голем број мали нешта што можете да ги искористите за да им изразите љубов на децата, а тие ќе знаат како да го негуваат и искористат тоа чувство за да го подобрат секој аспект од животот.

– Љубовта и сигурноста им кажуваат дека не треба да се грижат за проблемите на возрасните, а тоа им дава слобода да останат деца. Кога детето се чувствува безбедно и сакано, може да се фокусира на други работи, како учење и креативност – вели психотерапевтот Ејми Морин, авторка на книгата „13 работи што ментално силните родители не ги прават“ и водителка на поткаст за ментално силни луѓе.

1. Слушајте го вашето дете

Детето сака да знае дека ви е важно. Најдобар начин да му покажете дека тоа е вистина е да слушате што ви кажува.

– Отстранете ги електронските уреди и покажете искрен интерес за она што ви го кажуваат вашите деца. Разговарајте со нив, прашајте ги за мислење за важни теми и покажете им дека нивните мисли ви се важни – советува Морин.

2. Забавувајте се

Нема потреба секоја активност да ја претворате во можност за учење или предизвик. Најдете начин едноставно да се забавувате.

– Играјте, шегувајте и нурнете во нивниот свет. Дозволете си можност да поминете време заедно. Тоа е најдобриот начин да се поврзете со децата и да им покажете дека ги цените затоа што одвојувате време да се дружите со нив – продолжи Морин.

3. Прегрнувајте ги

Важно е да им кажете на децата дека ги сакате, но не заборавајте на важноста на физичкиот допир.

– Ова е особено важно за тинејџерите кои нема да трчаат барајќи од вас да ги гушкате, но сепак имаат потреба од физички контакт со вас. Затоа, прегрнувајте ги секој ден и покажувајте им нежност – вели психотерапевтот Пег Сејди.

4. Мали гестови

Ако вашите деца не копнеат по допири, можете да им покажете љубов со мали гестови. Морин ги советува родителите да спакуваат порака или комплимент со училишен сендвич, да ги фалат своите деца пред другите.

– Вашите гестови им кажуваат колку се грижите за нив. Ако направите нешто повеќе, ако ги пофалите или убаво им кажете на другите, тие ќе се чувствуваат сакани – продолжува Морин.

5. Смислете заедничка рутина

Овие вообичаени ритуали не мора да бидат некоја голема или скапа работа. Важно е да им дадете време.

– Може да биде и забавна семејна изрека која сигнализира дека е време за одмор, како и можност заедно да печете колачиња во недела. Што и да е, правете го редовно и правете го уникатно и посебно за секое дете – вели Сејди.

6. Вклучете ги во семејните одлуки

Да им дозволите на децата да ги изразат своите мислења, без разлика дали се работи за готвење или нарачување вечера, движење или одење на екскурзија, е начин да им покажете дека се грижите за нивниот став.

– Ако се свесни за тоа, малите деца ќе развијат поголемо чувство на припадност и сигурност – вели Сејди.

7. Бидете доследни

Децата сакаат постојаност.

– Погрижете се одењето во кревет, јадењето, будењето, пишувањето домашните задачи или одењето на разни активности да биде секогаш во исто време. Колку е постабилна рутината на детето во животот, толку побезбедно и посакано ќе се чувствува и помалку анксиозно – објаснува психијатарот Фран Волфиш.

8. Грижете се за сите ваши деца еднакво

Ако имате две или повеќе деца, желбата да им покажете на сите еднаква доза на љубов и грижа може да биде предизвик и бара повеќе планирање. Но, најважно е да ја почитувате нивната различност. Не споредувајте ги и на ист начин поттикнувајте ги нивните таленти и желби.

– Ако едното дете сака да биде фудбалер, а другото сака да свири на кларинет, покажете им дека еднакво ги цените нивните интереси, дури и ако не можете да се идентификувате со нив – вели Морин.

9. Важноста на семејната динамика

Иако можеби не сте свесни, семејната динамика влијае врз детето и околината може да игра улога во тоа да се чувствува сакано. Децата учат за врските гледајќи го односот на нивните родители.

– Родителите кои си даваат љубов и нежност ги учат своите деца како да се однесуваат со членовите на семејството – вели Морин.

Бидете добар пример и имајте на ум дека децата гледаат сè што правите.

10. Покажете им дека материјалните работи не покажуваат љубов

Иако можеби звучи непријатно, децата го претпочитаат вашето присуство отколку работите што им ги купувате. Морин ги потсетува родителите да размислуваат за своето детство и за она што најмногу го паметат од тој период.

– Веројатно ќе се сеќавате на забавните активности што сте ги правеле со вашите родители, а исто така веројатно е дека не се сеќавате што сте добиле од нив за вашиот 10. роденден. Затоа е важно да размислите кои животни лекции сакате да ги усвојат вашите деца и какви спомени сакате да имаат – истакнува Морин.

11. Сите прават грешки

Децата треба да знаат дека ги сакате дури и кога прават грешки.

– Бидете им поддршка, изразете им дека се гордеете со нив кога преземаат одговорност и учат нешто од своите грешки – предлага психологот Лаура Герак.

Таа вели дека во вакви ситуации треба да се разговара со децата и да се прашаат што научиле и како би реагирале следниот пат.

– Со тоа испраќате порака дека никој не е совршен, но имате доверба дека ќе бидат способни и компетентни да се справат со предизвиците – вели Герак.

Истовремено, ја развивате нивната самодоверба и им помагате да најдат начин да ја поправат грешката наместо да ги критикувате.

Извор



912

X