Оваа тема ја знае речиси секој родител. И сите сме се нашле во ситуација кога ова инсистирање да се носи иста облека едноставно нѐ полудува. Најчесто се појавува на претшколска возраст и може да трае пократок или подолг временски период. Тоа може да биде поинтензивно и стресно (за родителите), а дури и може да помине незабележано.
Децата понекогаш имаат фаза кога сакаат да носат иста облека. Едно исто парче облека. Истиот фустан, токму истите хеланки, истата маица или костим – без разлика дали е време за карневал или не. Факт е дека тоа им се случува на повеќето деца, дека повеќето ја поминуваат оваа фаза на овој или оној начин, но факт е и дека на некои родители им е полесно, а на некои малку потешко. Но, дали е во ред секој ден да носат иста облека и зошто го прават тоа?
Наутро, кога ги подготвувате вашите деца за градинка, тешко е да најдете енергија и волја да се пресметате со нив за парче ткаенина. Се обидувате, но ако не успее – се откажувате. Иако, има родители кои не можат да ја прифатат оваа идеја и не дозволуваат такво „самоволие“. Тешко е да се каже кој е во право. Или можеби не е толку тешко?
Експертите велат дека е сосема нормално и разбирливо детето да сака да носи исто парче облека секој ден во одреден период и дека тоа е сосема нормален дел од развојната фаза. Зошто го сакаат тоа? На малите деца до предучилишна возраст им се допаѓаат работи кои им се познати. Тие можат да носат иста облека, да читаат исти сликовници или да гледаат исти филмови бидејќи тоа повторување е предвидливо, а предвидливоста е утешна. Така вели д-р Алиша Гудман, психолог.
-Тие учат толку многу нови работи секој ден, што она што веќе го разбираат и можат да го предвидат го намалува преоптоварувањето на нивните системи за учење – објаснува таа.
Дополнително, кога носат иста облека, на некој начин се ослободуваат од одреден товар на непознатото, па се поспособни да го насочат своето внимание и да се фокусираат на учење нови работи. Ова, меѓу другото, им обезбедува чувство на сигурност, како и можност да ја наметнат својата независност. Децата на оваа возраст исто така учат автономија – со други зборови, тие го потврдуваат фактот дека се одвоени од нивните родители. Тие, исто така, почнуваат да формираат сопствени идентитети и сакаат да ги спроведуваат своите мислења.

-Исто така, важно им е да научат какво е чувството да им биде малку ладно или малку топло, па ако сакаат да носат зимска јакна среде лето, нека го направат тоа. Тие ќе научат од искуството и следниот пат ќе направат подобар избор – вели таа.
Многу од тоа се сведува на контрола – децата сакаат да го контролираат одлучувањето, а облеката е една од областите каде што тие имаат збор.
Дали треба да им дозволиме?
На малите деца им е утешно она што е познато, а носењето нешто ново го нарушува тоа чувство. Родителите можат само да прифатат дека расправиите за облеката се нормален дел од растењето и многу е полесно кога ќе разбереме зошто се случува тоа, вели психологот Гудман.
-Мислам дека добро правило е ако тоа не му предизвикува никаква штета на вашето дете, во ред е да го оставите. Тоа е еден од првите начини на кои тие покажуваат независност и ја изразуваат сопствената волја – изборот на сопствена облека е начин да кажат: „Ова сум јас!“ – заклучува психологот.
Автор: Наташа Крстичевиќ
912