Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 3,5-годишен син кој ги решава проблемите со удирање. Ако сака нешто од дете или го иритира или сака да игра – тој ќе го удри. Беше казнет извесно време со стоење во ќошот и по објаснувањето се смири. По 5-7 дена повторно нема успех. Потоа беше казнет со забрана за слатки и ТВ, но пак без успех. Еден ден беше казнет затоа што ме игнорираше, но не можеше да се смири цела ноќ.
Од денес го казнувам така што му забранив да продолжи да игра со деца од улица ако видам дека удри некое дете. Како понатаму?
Патем, тој е прилично интелигентен и за учење и за комуникација, секогаш има изговор зошто го сторил тоа… Го советувам да ми кажува кога има проблем, или на родителите на другото дете, но ништо од тоа.
Не знам како да продолжам…

Прашува: мајка

ОДГОВОР: Развојната фаза на тригодишните деца е нивното импулсивно однесување и менливо расположение од лутина, плач и смеење. Вие сте се обиделе да го промените непосакуваното однесување на вашето дете со казни и тоа секогаш е и ќе биде без поголем успех.
Велите дека е интелигентен и брзо учи, па ви предлагам да воспоставите семејни правила кои ќе бидат од голема важност и за вашето дете и за вас како родители. Тие се многу важни и преку нив децата учат да разликуваат што е добро, а што лошо, кое однесување е прифатливо, а кое не. Двегодишните деца почнуваат да ја разбираат идејата за правилата, а тригодишните деца спонтано почнуваат да се придржуваат кон нив. Најважно е правилата да важат и за децата и за возрасните, бидејќи во спротивно вашето дете ќе се почувствува онеправдано. Исто така, важно е и вашето дете да учествува во кажувањето на правилата бидејќи така стекнува искуство дека и неговото мислење е вредно и уважено. Така тоа ќе се придржува на правилата што само ги поставило.

Наташа Маџевска


Како што реков, најважно е сите членови да бидете вклучени во воспоставувањето на семејните правила. За почеток тие треба да бидат кратки, јасни и неколку на број. Листата да не биде предолга (не многу). Зборувајте за тоа што најпрво сакате да промените во однесувањето без обвинување. Напишете или нацртајте ги правилата како треба да се однесувате. Ако ги напишете само однесувањата како не треба, вашето дете ќе биде несигурно. Правилата да бидат едноставни и конкретни: „ Со другарчето се дели. Со другарчето сме расположени“.
Договорете ги последиците од почитување на правилата – „награди и казни“. Овде обрнете внимание на посакуваното однесување кај вашето дете. Колку повеќе обрнувате внимание на убавото однесување, тоа ќе научи дека може да ви го привлече вниманието со убаво однесување и полека ќе се менува. Му праќате порака дека со убавото – посакувано однесување го привлекува вашето внимание и го поттикнувате да истрае. Пофалувајте го, на пример: „Денес убаво другаруваше. Денес ја делеше играчката со децата. Колку добро момче си.“
Доколку зборувате само за неговото недобро однесување, му праќате порака дека ќе го добива вашето внимание само кога не се однесува добро во опкружувањето.
Кога ќе се промени однесувањето на подобро, дајте му значење, прославете, почестете се со нешто што вашето дете најмногу го сака и избришете го правилото.
Бидете доследни и упорни со правилата што ви се важни. За ова треба време и трпение. И кога вашето дете ќе ги прекрши правилата, тивко и смирено оддалечете се и поразговарајте со него. Немојте да го карате пред сите.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X