Детето не би требало да порасне без да заспие со бајка. Не треба да порасне без да гали животно, без самото да се качува на дрво и да се обиде да ја дофати Месечината.

Ако не паднало од велосипедот, не се прскало во вирчињата и не споделило ужина со некој друг, не би требало да порасне додека не го стори тоа. Детето, исто така, треба да најде парче стакло и да верува дека е скапоцен камен. Да ја ​​излиже чинијата со филот од тортата. Да јаде џем од тегла со прсти и да брка гулаби во паркот.

Детето не треба да порасне без да чита книга со широко отворени очи. Да трча босо по тревата или да се вози со трамвај. Не е време да порасне додека не заборави да ја заврши домашната задача и не го фатат во лага. Ако мајка му не му ја бакнала раната за да помине, а татко му не го носел на рамена, тоа не треба да брза да порасне.

Детето треба да се сеќава како со баба му ги исчистило грашокот и семките од црешите за пита. Треба да се сеќава и на мечето што го штитело од лоши соништа ноќе. И свеќата на роденденската торта, првиот ден на училиште, првата приредба и семејството кое го гледа од публика. Треба да се сеќава на рингишпилот, неговото прво патување со воз, санкањето со децата од соседството и играчката што ја изработил дедо му.

Пред да порасне, детето треба да направи барем една беља. Треба да црта со парче тула на бетонот и да дува во глуварче. Треба да сонува и дека може да лета. Да пие вода од рака. Да лета змеј. Да ​​изгради замок од песок и да се радува на првиот снег. Да направи снешко, да посака желба и да верува во Дедо Мраз. Треба да ја изеде палачинката за да му капне од филот врз маицата. Да најде скриена чоколада во оставата и да се плаши да слезе во подрумот. Треба да ја шутне топката далеку и да го прескокне потокот.

Ако нема брат или сестра, да ги посака. Да ​​оди на село и да се крие во сеното. Да фаќа риби, да храни птици и да фаќа пеперутки. Да напише порака до симпатија. Да се ​​налути многу и лесно да прости.

Пред да порасне, детето треба да падне и да ја искине облеката на колената, да ја заборави својата играчка кај пријателот и да ја прескокне оградата.

Детето треба да плаче, да пукне балон, да се изгуби во продавница и да се смее кога ќе го кренат високо в раце. Треба да праша каде било пред да се роди, зошто пеат петлите взори, како се создава ветерот и каде завршува виножитото. Детето треба да биде дете и многу работи да ги направи пред да добие желба да порасне.

А децата брзо растат…

Автор: Јелена Марковиќ

Извор



912

X