Воспитување

Детето не може да се концентрира? Ова се 7 начини со кои ќе му го подобрите фокусот

Децата често се борат да останат фокусирани и тоа отсекогаш било проблем, особено кога почнуваат на училиште. Но, во денешно време работите стануваат уште полоши. Со различните кратки видеа на социјалните мрежи, кои не бараат посебна концентрација и подолго следење, и опсегот на вниманието на децата е пократок. Така, кога ќе седнете со нив да повторите некој нов материјал или да ја напишете домашната задача, честопати ги губите нервите.

Тоа особено се случува кога на децата ќе им биде дадена задача што ја сметаат за предизвикувачка или тешка. Постои поголема шанса да се откажат пред навистина да се потрудат. Ако забележите дека вашето дете редовно го губи фокусот при предизвикувачки задачи, еве неколку стратегии кои би можеле да помогнат да му се зголемат фокусот и вниманието, како и да се подобри крајниот резултат од вашите напори и напорите на вашето дете. Запомнете, некои деца ќе се борат со ова повеќе од другите. Овие тактики можете да ги користите дома, но и ако работите со неколку деца, како наставник.

Вклучете физичка активност

Децата што се борат со вниманието често подобро функционираат ако им се дозволат кратки паузи за активна игра. Детето нека направи пауза, па нека скока на топка за вежбање, нека оди во парк или во меѓувреме нека оди на кратка прошетка или барем само да се протегне. Секоја ваква активност може да му помогне на детето кое се бори да остане фокусирано.

Направете „пауза за внимание“

Научете го детето што значи „да се обрнува внимание“ и како тоа изгледа. Вежбајте да обрнувате внимание во моменти кои не се клучни или важни за училиштето, и на материјалот што детето треба да го научи. Потоа, во одредени интервали, правете паузи за да вежбате внимание. Можете да користите стоперка или алармот на вашиот мобилен телефон за да ги означите почетокот и крајот, а детето мора да каже што видело и запомнило за тоа време. Ова може да помогне да се тренира неговиот мозок, така што детето ќе разбере како изгледа фокусот и колку често е во искушение да не обрнува внимание.

Приспособете ги временските рамки

Ако сфатите дека што и да правите, детето едноставно не може да го задржи вниманието, можеби треба да ја поделите содржината на помали временски интервали. Според некои истражувања, детето треба да биде способно да се концентрира на нешто и да го задржи вниманието од 2 до 5 минути за секоја година од животот. На пример, ако имате шестгодишно дете, можете да очекувате 12 до 30 минути внимание. Ова би значело дека, на пример, 10-годишно дете може да чита лектира час и половина. Но, ако видите дека тоа не функционира, поделете ја неговата задача на пократки интервали. Процесот нека биде со употреба на аларм за да му биде поинтересно. Сепак, не давајте му екран за време на паузите, туку потрудете се тоа да биде некаква физичка активност. Ако го повторите училишниот материјал со вашето дете, задолжително прашајте го за тоа што го учи, разговарајте со него на темата. Така полесно ќе му го задржите вниманието.

Елиминирајте ги визуелните одвлекувачи на вниманието

Кога детето се бори со тешка задача, неговото внимание може брзо да залута. Обезбедете му тивка средина каде што неговиот мозок може да остане фокусиран на задачата. Во никој случај не оставајте ги вклучени ТВ-екраните, радиото или слично, а доколку имате други деца, не дозволувајте да бидат гласни.

Играјте игри со меморија

Помнењето не е мускул, но секако може да помогне во подобрувањето на фокусот. Игрите за меморија им помагаат на децата да го подобрат својот фокус на забавен начин за да можат да се концентрираат на она што ги предизвикува. Направете ги мемориските игри дел од секојдневната игра. Игрите со меморија не мора да бидат комплицирани, туку едноставни.

Оценете ги (и менувајте ги) задачите

Ако забележите дека вашето дете постојано ја избегнува задачата или изгледа премногу расеано, замолете го да го оцени нивото на предизвикот на задачата, на скала од 1 до 10. Ако тоа рече дека задачата е со оцена осум или повеќе, прашајте го што би можело да ја направи задачата да биде оценета со 2 или 3. Понекогаш ова дава одличен увид во тоа што можете да направите за да му помогнете на вашето дете да го намали нивото на фрустрација.

Поделете ги задачите на делови

Ако овие стратегии не даваат резултати, обрнете внимание на самата задача. Дали може да се подели на помали делови? Детето нека се фокусира доволно долго за да заврши дел од задачата, а потоа направете пауза и малку подоцна вратете се на проектот. Децата што се борат со вниманието всушност можат побрзо да ја завршат задачата со оваа стратегија.

Автор: Луна Николиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top