Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам пријателка со која сме многу блиски, но нејзиното дете е премногу агресивно кон моите деца. Во една ситуација ја турна мојата помала ќеркичка на подот и потоа таа имаше голем оток. Јас веднаш си заминав дома, не се расправав, но речиси секоја средба ни завршува така што моите деца да се повредени од нејзиното дете.

Досега не се мешав во смисла да му се развикам, оставав мајката да си го дисциплинира детето, но веќе немам трпение. Го опоменуваат, но постојано се повторува истото.

При последниот инцидент му реков дека ова е последен пат и дека при следниот обид да ги удри моите деца јас ќе му вратам со иста мера и нема да ми биде гајле за мислењето на неговите родители. Ѝ кажав на мајката дека можеби малку бурно изреагирав, ама дека веќе немам толеранција. Нејзината реакција беше ноншалантна и се однесуваше како ништо да не се случува.

Не знам дали претерувам, ми значи таа личност и не сакам да се замерам, но моите деца ми се сè на светот и не можам да дозволувам да ги повредува кој било.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Пишувате за важноста на вашето пријателство со вашата пријателка. Набљудувајќи ги луѓето, забележуваме колку некои тешки моменти можат да нè скршат, а истовремено и да нè прават посилни. Некои луѓе во тешки моменти ја пронаоѓаат смислата и убавите мигови, а на други погледот кон иднината им е замаглен со чувството на неправда и тежина која можеби ја носат од минатото. Психолошкиот поим е отпор. Тој не разбира лажни насмевки и негирање на искуствата со кои се сретнуваме. Отпорот во себе носи прифаќање на ситуацијата во која се наоѓаме и свесност дека таквата ситуација нема да ни биде последна.
Секој се соочува со бројни предизвици.

Наташа Маџевска

Дали тие ќе нè вознемират или ќе нè направат да бидеме посилни, зависи од нас самите. Отпорот подразбира различни способности, вештини и ставови кои ни овозможуваат успешно да ги надминуваме предизвиците.

Вие сте многу блиски пријателки и тоа ви е многу важно. Вие сте возрасни и верувам имате големо искуство на градење на вашето пријателство. Не секогаш децата на пријателките имаат исти интереси за игра. Тоа зависи и од возраста на децата, полот и колку интересот за игра им е ист или различен.

Можеби можете кога сте заедно да ги набљудувате кои им се интересите за игра и да помогнете како возрасни насочувајќи ја детската различност тие да играат смирени игри.

Искористете го времето со вашата пријателката само за вас. Земете си време само за вас без да ги дружите децата некое време и да видите дали тие ќе се побараат.
Истражувајте и дозволете си различни искуства низ кои ќе учите за вас, вашата пријателка и вашите деца.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X