Ривалството меѓу браќа и сестри е вообичаено кај децата, особено кога постојано се борат за вниманието на родителите. Сепак, честите расправии можеби не се толку лоши како што звучи.
Како родители кои се соочуваат со секојдневни кавги и препирки меѓу децата, сигурно сте се обиделе да го спречите ривалството помеѓу браќата и сестрите. Сите сакаме да ги намалиме и избегнеме семејните конфликти на секој можен начин за да бидат среќни и двете деца. Но, колку е исцрпувачко кога тоа се повторува секој ден.
Сепак, постои нешто охрабрувачко. Ново истражување покажа дека браќата и сестрите што се караат во детството, всушност, подобро се снаоѓаат во подоцнежниот живот. Научници од Центарот за семејни истражувања при Универзитетот „Кембриџ“ откриле дека кавгите меѓу браќата и сестрите го подобруваат развојот на социјалните вештини, речникот и развојот, како и дека го поттикнуваат натпреварувачкиот дух.

– Моето истражување покажува дека кога децата се караат, тие всушност имаат корист од конфликтот. Родителите кои се исцрпени од постојаните препирки меѓу децата треба да се утешат со фактот дека нивните деца учат важни социјални вештини. Помладите браќа и сестри постигнуваат подобри резултати на нашите тестови. Доказите покажуваат дека во многу случаи децата побрзо ги разбираат социјалните односи токму поради овие интеракции со браќата и сестрите – изјави професорката Клер Хјуз, еден од научниците во тимот што го спроведе истражувањето.
Студијата анализирала 140 деца во текот на пет години, вклучувајќи видеоснимки од интеракции на децата со членови на семејството, пријатели и непознати лица. Откриено е дека браќата и сестрите можат да имаат длабоко влијание врз социјалните вештини на детето, дури и ако нивниот однос е „помалку топол“.
Додека поблагите облици на конфликти имаат позитивно влијание врз развојот во детството, тимот што го водел проектот предупредува дека континуираното ривалство може да доведе до проблематично однесување и тешкотии во градењето односи во подоцнежниот живот.