Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете веќе 2 недели има одбивност да оди на училиште. Има присуство на страв и на несигурност кај него. Тоа сега оди во 2. одделение, но со ова не се соочуваше претходната година. Од наставникот не добив задоволителен одговор и покрај инсистирањето да оди и кај училиштен психолог. Тоа сè уште не се случи. Ве молам за совет, кои чекори да ги преземеме и како да се соочиме со овој голем проблем за нас во моментов. Од детето добивам информација дека тешко може да се одржи наставата поради лошите деца во одделението и дека наставникот многу вика на час.

Прашува: Маја

ОДГОВОР: Почитувана, кога децата влегуваат во наставен процес, доживуваат една значајна сепарација во животот, понагласена сепарација од семејството, со која влегуваат во една силна и често доста нејасна социјализација, еден огромен свет на хиерархија, власт, моќ, авторитети, соработници и ривали. Ние како возрасни не можеме целосно да ја разбереме комплексноста на тој свет, но можеме да сфатиме дека во еден момент тој свет претставува еден огромен извор на фрустрација, незадоволство, борба и страв за детето. Страв дали ќе се вклопи во средината, страв дали ќе биде прифатено и што е потребно за тоа, страв од непознатото, страв дали ќе успеам сам, страв дали ќе бидам доволно добар… И уште многу.

На некои деца, додека да се адаптираат, особено децата што не изградиле соодветни стратегии за справување со непозната средина, биле позаштитени поради тоа што се навидум послаби, или се наоѓале во средина во која не искусиле доволно предизвик и немале искуство на успешно справување со непознатото, може да им биде тешко да се справат со училишниот предизвик, со сировата и честопати доста насилна средина во која влегуваат. Можеби едноставно детето не е воспитувано да се справи во многу понасилна средина од вообичаено. А кој може некогаш да биде воспитан за тоа, и кој може да предвиди? Па никој. Така што сега на вашето дете и вам можеби ви се крши сонот за една помирна, посмирена средина во која тоа би растело и би се развивало, се соочувате со една поигнорантна средина која не се грижи толку за потребите за другите, една средина која е помилосрдна кон почувствителните или воопшто не се грижи да ги разбере почувствителните. За жал, таквите средини, вклучително и училишните, многу често знаат да бидат незаинтересирани, насилни и немоќни. Немоќ, тоа е чувството што го читам кај вас, но не мора да е така, нели. Можеби ние како родители многупати сме немоќни да се справиме со средините на нашето дете кои нè плашат, но не сме немоќни во однос на нашето дете.

Радмила Живановиќ

Вашето дете треба да знае и да види дека сте заинтересирани заедно со него да го најдете решението на проблемот, и ќе направите сè само тоа да се чувствува сигурно. За да го направите тоа, ќе мора прво да опсервирате и да пронајдете каде всушност лежи проблемот, и ќе пристапите кон училишната заедница со едно чудење и непознавање обидувајќи се наставникот и училиштето да ви помогнат со ова прашање. На пример, кон наставникот би можеле да постапите на следниов начин: „Јас би сакала моето дете навистина да ужива во неговиот клас, и за тоа би сакала да ве прашам која е вашата препорака како заедно  да го постигнеме тоа. Вие како наставник досега сте имале мал милион искуства со вакви ситуации, знаете дека не секое дете лесно се адаптира на училишните услови, дали има нешто што би ми препорачале дека сметате дека е ефективно во намалување на стравот кој доаѓа од училиштето?“

Воедно, сите ваши сомнежи, стравови и несогласувања не треба да ги комуницирате пред детето, туку да се обидете да зрачите со самодоверба, дека сè ќе биде во ред, дека неговите реакции се нормални на она што го плаши и дека секогаш постои решение доколку сакаме да го најдеме.

За да добиете каква било дополнителна информација од вашето дете зошто тоа се случува, мора да бидете понасочени кон него и да најдете не толку директен пат да го истражувате неговиот страв. Кога ќе се појави стравот, и ќе го почувствувате, обезбедете му прво комфор, и физички и психички, на детето за да се смири така што ќе му дозволите да се плаши, убедувајќи го дека сте со него, и дека сега сè е ОК. Кога ќе се потсмири, кажете му дека му ја разбирате реакцијата на страв доколку нешто силно го вознемирило, и дека и вам ви се случувало кога сте биле на негова возраст, дека го разбирате, но дека родителите биле секогаш тука да ве заштитат и помогнат да се борите против тоа што ве плашело. Кога ќе се смири, обидете се да почнете разговор со него и дека доколку тоа не ви каже од што се плаши, нема да можете да најдете решение и да го заштитите, а тоа е улогата на родителот, дека нема потреба да се плаши да ви каже што му се случува, дека сте ОК што и да ви каже, затоа што сте тука за него. Ако детето не знае да опише што му се случува, можете да му понудите да нацрта една ситуација во училиште што го вознемирила. Не мора да зборува, само нека нацрта. Потоа нека ви го даде цртежот и почнете вие да кажувате што гледате, а дозволете му да ве коригира и надополни доколку не е така. Прифатете ги корекциите и видете што ќе ви раскаже.
Доколку сметате дека средината е многу насилна за да можете како било да се справите како родители, и доколку вашето дете премногу пати од третманот, тогаш потребна е понавремена промена на средината и условите, без притоа да не се чека премногу ситуацијата сама од себе да се реши.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X