Кога малите деца имаат изливи на бес, родителите гледаат само последици во однос на однесувањето, а всушност треба да се запрашаат како се чувствува детето, па тоа се манифестира преку реакции на бес. Од друга страна, не е исклучена и опцијата возрасните да мислат дека детето не треба да чувствува бес бидејќи животот му е лесен и убав, дадено му е сè што посакувало. Но, таквиот став нема никаква врска со бесот на детето.

Без разлика што се мали, децата можат да ги почувствуваат сите емоции – и позитивни и негативни. Со позитивните е лесно, а негативните како бес, страв, лутина, тага – се вистински предизвик за родителите. Преку однесувањето на родителите, разговорот и поддршката, детето се учи да ги препознава емоциите и состојбите, да ги прифати и на крајот да управува со нив. Со оглед на тоа дека бесот резултира со бурно однесување, корисно е да се разговара токму за него, бидејќи каква корист ќе имаме ако и ние „збеснеме“ заедно со детето?

На прво место, важно е да се разбере дека во заднината на бесот најчесто стои чувството на беспомошност, па разбирањето и поддршката на родителите во тие моменти се од големо значење. Заборавете ја идејата дека детето е невоспитано, дека бара внимание и постојано ве предизвикува… За ова можете да размислувате дури кога како родители сте направиле сè што е опишано подолу во текстот.

Се согласувам дека е непријатно кога детето одненадеж ќе збесне, особено ако тоа се случи кога е на гости или на јавно место. Меѓутоа, од реакцијата на родителите зависи во која мера детето ќе ја разбере оваа емоција и како ќе ја носи со себе и како ќе ја совладува.

Кога се во прашање малите деца, до четири години, најчест предизвикувач на „изливите на бес“ е фактот што нивните моторички способности не можат да ги „проследат“ нивните желби за нешто да направат. По повеќе неуспешни обиди, детето е фрустрирано, се чувствува беспомошно, емоцијата на бес станува сè посилна и единствено што може во тој момент е да ја исфрли преку однесувањето. Замислете дека однесувањето е издувен вентил за чувството на бес кое детето го има во тој момент. Кога родителот реагира мирно, со прашањето: „Како можам да ти помогнам?“ или предлозите: „Ајде да се обидеме заедно да го направиме тоа“, детето ќе се смири и ќе ја продолжи активноста. Овде е важно да се напомене дека родителот треба да се воздржи од тоа тој да направи нешто наместо детето, бидејќи детето во тој случај повторно ќе почувствува бес.

Но, има деца што ќе продолжат да беснеат бидејќи емоцијата и понатаму е со превисок интензитет и уште тлее во нив (вентилот сè уште е отворен). Родителот тогаш може да каже: „Разбирам дека си лут, сакаш ли да правиш нешто друго?“ Ако детето одбива и продолжи да изразува бес и фрла сè околу себе, родителот треба да внимава да не се повреди, да воспостави контакт со очите на детето, да се обиде да го прегрне (некогаш нема да успее во тоа), да го оддалечи од просторијата и со смирен глас да каже: „Ќе помине тоа што го чувствуваш сега, а потоа можеме да разговараме. Разбирам дека ти е тешко, ќе помине…“ Да му се вика на детето, да му се зборува или да се критикува во моментот додека се чувствува фрустрирано е нешто што нема да донесе никаков ефект. Детето едноставно не може да го разбере тоа. Да го удрите е уште побесмислено, бидејќи покрај бесот што го чувствува, мора да се „бори“ и со родителското неприфаќање на неговите емоции и да трпи казна и понижување.

Доколку ваквите ситуации се повторуваат, спектарот на пораки што детето ги добива од несоодветното реагирање на родителите е многу широк – „Мама (тато) е голема/голем и таа/тој може да биде бесна/бесен на мене и да ми вика, а јас сум малечка/малечок и не можам да бидам бесна/бесен. Ќе бидам бесна/бесен кога ќе пораснам, а кога ќе бидам бесна/бесен ќе викам и јас на некој друг или ќе го удрам“. Или: „Конечно ми обрнуваат внимание, сега постојано ќе беснеам за да ме забележат“.

Од ваквите пораки настануваат длабоки уверувања што влијаат врз формирањето на личноста и од нив се развиваат разновидни однесувања кои детето ќе ги покажува кога ќе биде возрасно лице. Така, од молчаливо и послушно девојче ќе премине во бунтовна тинејџерка која ќе го потиснува бесот што останал како неприфатена емоција во семејството, ќе го насочи кон себе (пирсинг, тетоважи, ризични ситуации…), или на другите (физички и вербални конфликти). Од детето кое со бес привлекувало внимание ќе стане несигурен човек кој на различни начини ќе се обидува некој да го забележи и да „признае“ дека тој не постои. Од мирното момче што грицка нокти и се контролира да не покаже бес пред родителите ќе стане „опасно“ момче кое расчистува со сè пред себе, и со послабите и со посилните итн. Родителите тогаш се изненадуваат, бидејќи „нивното дете не е такво“, не го учеле да биде такво итн. Се разбира, детето не е такво пред нив…

Токму поради вакви и слични ситуации треба навреме да се обрне внимание на детските емоции. На прво место – треба да се разберат децата, да се сфати дека детето со однесувањето „говори“ како се чувствува, да се признае емоцијата во смисла дека е во ред понекогаш да биде луто, бесно, тажно… Да му се даде поддршка кога се чувствува лошо, за детето значи дека родителот е тука да му помогне. Со разговор за тоа како се чувствува детето и можноста да ги покаже емоциите го насочуваме да бара решенија, а не да гледа проблем во своите емоции. Со ваков став и однесување со детето градиме однос на доверба и испраќаме недвосмислена порака дека секогаш може да ни се обрати и дека сме тука за него. Бидејќи и сме, зарем не?

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер



912

X