Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Како правилно да постапам со дете што има аверзија кон храна. Апетитот е сведен на минимум и кога е гладен, се задоволува со минимални количини храна (половина кришка леб со некое јадење). Секое седнување на маса е со молење, јадењето трае 2 часа и сè е поинтересно од храната. Знам дека имам удел и вина зашто, за жал, го терав сосила да јаде, му викав, го карав, а некогаш добиваше и ќотек (до 2 години) мислејќи дека така сакал-нејќел ќе пројаде. Но, се случи спротивното. Од бебе не покажал интерес за некоја храна. Сега има 4 години и никако да се поправи. Не му викам, не го карам, му објаснувам дека храната е важна за раст и развој, не го терам сосила ништо, но 2 часа се премногу и многу активности не успеваме да ги завршиме. Во градинка исто така минимално јаде, нема време за тоа. Нема здравствени проблеми поврзани со намален апетит.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Она што е важно да го напоменам од самиот почеток е дека секое дете се раѓа со вродена способност за организмичка саморегулација, што претставува способност организмот да се регулира самиот согласно актуелните потреби. Како мајка сигурно сте забележале дека вашето дете уште од самото раѓање ви давало сигнали кога е гладно, жедно, уморно или какано. За жал, често пати родителите се водени од своите предидеи за тоа како нешто треба да биде (колку треба да изеде детето, колку треба да испие, кога треба да се бања, колку дебел џемпер треба да облече и слично) отколку што се водени од свесноста за актуелната потреба на детето или спецификите на неговиот биоритам. Ова дополнително се комплицира доколку родителите се изложени на дополнителни влијанија или притисоци од мислењата на другите во својата околина (баби, дедовци, тетки, стрини, блиски пријатели итн.). Присилата детето да јаде кога не е гладно негативно влијае врз оваа негова вродена организмичка саморегулација, а доколку трае долго, со текот на времето можно е да дојде и до целосно нарушување. Таквите деца потоа прераснуваат во возрасни кои имаат слаб контакт со своето тело и често пати имаат сериозен проблем со тежината и исхраната.

Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт

Од она што ми го пишувате сфаќам дека вашето дете нема никакви здравствени проблеми поради, како што велите, намалениот апетит. Доколку неговата крвна слика е добра, а телесната тежина е во рамките на оптималните вредности, и притоа детето е активно и добро расположено, не гледам простор за грижа.

Кога зборуваме за детската исхрана, сметам дека е многу поважно да обрнеме внимание на квалитетот на храната што детето ја јаде наспроти квантитетот. Доколку вашето дете не сака да јаде количински многу храна, тогаш обидете се храната што ќе ја јаде во помали количини да биде нутритивно богата. Во секој момент ќе ве поддржам парчето леб што детето не сака да го јаде да го замените со грст јаткасти плодови, парче овошје или свеж зеленчук. Наместо да го бркате и да инсистирате да јаде големи оброци за појадок, ручек и вечера, дозволете му да јаде поголем број помали оброци во текот на денот. Доколку сметате дека ви е потребна дополнителна поддршка во однос на процената на нутритивните потреби на вашето дете, ве советувам да разговарате со неговиот матичниот лекар/педијатар или да побарате поддршка од лиценциран нутриционист.

Она што е многу значајно за вас како родител е да видите што порака сака да ви испрати вашето дете со својот отпор кон храната. Дали можеби зад отпорот кон хрaнaта се крие отпор кон нешто друго? Вклучително размислете која е потребата за неговото бавно јадење? Дали можеби тоа е негова стратегија со која се обидува да го одбегне јадењето? Дали можеби на тој начин сака да ви го привлече вниманието? Или можеби се обидува да ви каже дека нема потреба од толку храна и наместо тоа има потреба од нешто друго? Малите деца кога не можат да ни кажат нешто, тоа го пројавуваат во своето однесување и на тој начин ни покажуваат, затоа е важно да бидете свесни за сите мали сигнали што ви ги испраќа детето преку своето однесување. Физичкото казнување речиси никогаш не вродува со позитивен исход во ваквите ситуации, напротив, може сериозно да ги влоши, како што за жал и самата имавте можност да забележите. Затоа обидете се да имате отворен пристап и да ги осознаете потребите на вашето дете кои лежат зад неговите отпори и за вас проблематични однесувања.

Од друга страна, доколку забележите дека здравјето на вашето дете на кој било начин почнува да се нарушува (опаѓање на вредностите на крвната слика, губење килограми, намален имунитет, намалено количество на енергија и сл.), тогаш неопходно е најпрво да се консултирате со лекарот на вашето дете, а потоа и да побарате поддршка од лиценциран психолог или игровен терапевт кој ќе ви помогне во третирањето на овој проблем.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X