Грицкањето нокти е непријатно и може да доведе до оштетување на кожата, инфекции и други здравствени ризици.
Иако може да биде фрустрирачко за родителите, оваа навика често е безопасна и децата ја надминуваат со текот на времето.
– Многу деца престануваат да ги грицкаат ноктите со текот на времето кога ќе видат дека другите луѓе не го прават тоа – вели Дејвид Хил, доцент по педијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Северна Каролина и автор на книгата „Татко на татко: Родителство како професионалец“.
Прекумерното грицкање нокти може да биде проблематично за здравјето на децата, предизвикувајќи инфекција или оштетување на кожата, ноктите и кутикулите.
Зошто моето дете ги грицка ноктите?
Според списанието „Интернешнл журнал оф вименс дерматолоџи“, грицкањето нокти или онихофагија е компулсивна, хронична состојба која влијае на 20 до 30 отсто од популацијата. Децата може да ги гризат ноктите поради неколку причини, вклучително и анксиозност или физички немир.
– Бидејќи тоа е навика која се повторува, може да биде самосмирувачко однесување – вели Кимберли Монтез, доцент по педијатрија на Медицинскиот факултет „Вејк форест“.
– Од друга страна, понекогаш е чисто козметички аспект. Некои деца сакаат кратки нокти – вели Антвон Чавис, доцент по педијатрија на Универзитетот за здравје и наука во Орегон, додавајќи дека децата исто така ги гризат ноктите ако им е досадно или се недоволно стимулирани.
Кои се последиците?
Иако грицкањето нокти е непријатно во социјални ситуации, тоа обично е безопасно за децата. Сепак, може да стане медицински проблем ако ги оштети кутикулата, ноктите или околната кожа.

– Доколку кожата околу ноктот е црвена, болна или се појавил исцедок, вашето дете треба да го прегледа педијатар – вели д-р Монтез.
Грицкањето нокти може да го зголеми и ризикот од паронихија, инфекција на кожата околу ноктите.
– Ако децата играат во нечистотијата, постои можност да добијат паразитски инфекции од нечистотиите во калта – вели д-р Хил.
Последиците од грицкањето нокти можеби не се ограничени на оштетување на ноктите. Според едно истражување, грицкањето нокти може да придонесе и за оштетување на непцата и коренот на забите. Исто така, грицкањето може да влијае врз забите на децата и да доведе до сериозни проблеми со забите. А може да биде знак за депресија или анксиозност.
– Ако детето чувствува болка или непријатност од грицкањето нокти, но сепак го прави тоа, можеби се обидува да ви каже дека има некаков проблем поради кој грицкањето нокти му дава олеснување – вели д-р Чавис.
Како да го спречите детето да ги грицка ноктите?
Во никој случај детето не треба да се казнува или навредува.
– Често привлекувањето внимание на однесувањето, особено со исмејување или казнување, ќе предизвика негово влошување – вели д-р Монтез, советувајќи ги родителите да научат за начините на кои можат да му помогнат на детето.
Треба да знаете дека детето можеби несвесно ги грицка ноктите, а еден начин да го направите тоа е да го седнете пред огледало додека ги грицка ноктите и да кажете: „Вака изгледа и вака се чувствуваш кога ги грицкаш ноктите“.
Или, ако вашето дете е доволно старо, можете да го прашате зошто ги грицка ноктите, поставувајќи му прашања од типот: „Дали се чувствуваш подобро кога ги грицкаш ноктите? Дали ги грицкаш ноктите од досада?“ – препорачува д-р Чавис.
Исто така, можете да се обидете да ја фокусирате енергијата на вашето дете на нешто друго. На пример, наместо да ги грицка ноктите, може да гушне кукла, да си игра со „фиџет спинер“, да стиска топка за стрес или да црта.
– Секогаш кога ќе забележите дека детето се обидува да ги грицка ноктите, потсетете го дека треба да има друга, поприфатлива навика наместо тоа – вели д-р Хил.
Со текот на времето таа навика ќе биде заменета со подобра. И не заборавајте да дадете позитивно охрабрување.
– Може да кажете: „Ми се допаѓа како се сети да ја стиснеш топката за стрес токму тогаш“ или „Ми се допаѓа како сега ти растат ноктите. Изгледа одамна не си ги грицкал“, вели д-р Хил.
Откријте што би можело да го предизвика грицкањето на ноктите
За некои деца грицкањето нокти може да биде механизам за справување со стресот. Важно е да откриете дали нешто му пречи на вашето дете и да му помогнете да најде здраво решение.