Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има две години и пет месеци. Тоа што ме загрижува најмногу е доцнењето на говорот. На 10-месечна возраст ги изговори првите зборови, именуваше лик од цртан филм и од сликовници. Потоа сето тоа замре, за на возраст од 1,5 година да каже „ајде“ или „ајде дете“ кога сака да оди надвор. Во ситуации кога ѝ беше тешко, кога беше настината, неколку пати изговори „мама“, но потоа и ова замре. Сега воопшто не зборува, туку брмчи или вика „мммм“ додека си игра. За работи што сака да ги направи, ме влече за рака за да ми ги покаже. Умна е и извршува задачи што ги барам од неа („донеси го столчето“, „крени ја таа играчка од под“, „земи ги патиките и јакната“…). Но, кога инсистирам да каже некој збор, бега налутена и плаче.
Исто така, протестира кога ја терам да јаде сама или да пие вода. Сѐ завршува на под или, пак, наместо храната да ја стави во нејзината уста, пробува да ми ја даде мене. Кога ја хранам јас, нема никаков проблем и јаде сѐ. Не се интересира за нејзините врсници, но сака да следи и да игра со деца од школска возраст.
Да напоменам дека од почетокот е претежно само со мене, сопругот е многу често на пат, а бабите и дедовците не живеат тука. Изминатиот месец почна да оди во градинка. Уште на самиот почеток зборував со психологот во градинката, кој процени дека е дете со типичен развој, но дека му треба поголема стимулација за да зборува. Секојдневно читаме сликовници и зборуваме со играчките. Играме игри со именување на предмети, цртаме и имитираме звуци. Понекогаш тоа ѝ се допаѓа, но често бега и не сака да ме следи. Гледањето телевизија и користењето на мобилниот телефон ги сведовме на минимум…
Друго што ме загрижува е едно однесување што се појави откако тргна во градинка. Забележав дека при играње дома застанува за миг за да си скубне влакненца од косата и да ги пикне в уста. Исто така, со рачињата бара по тепихот да извади влакно и да го стави в уста. Кога излегуваме да шетаме, не сака да ме држи за рака. Сѐ се завршува со силно врескање и инсистирање да седне во количка или да биде носена в раце. Направивме пауза од градинката откако ми се јавија и ми кажаа дека повеќе од еден час плачела без престан и не можеле да ја смират. По една недела дома, кубењето на косата се проретчи, но и понатаму не сака да оди надвор пешки, освен ако не ја спуштам во близина на игралиште. Во градинка тргна со воодушевување, што навистина ме зачуди. Но, како поминуваше времето, ѝ стануваше сѐ потешко…
Се чувствувам како да влегувам од грешка во грешка кога се работи за нејзиниот развој и воспитување. Ве молам дајте ми совет како да ги исправам работите.
Прашува: Ива
ОДГОВОР: Вие сте навистина предадена и посветена мајка. Во условите што ги имате, како и со поддршката која ви е на располагање, вие го правите најдобро што можете. Почесто сте оставени сами да се грижите за неа, а таа иако е дете со типичен развој, сепак, пројавува одредени репетитивни однесувања, себеманевризми, со цел да ја намали вознемиреноста која честопати ја чувствува, честопати зголемена и со вашата вознемиреност, страв и постојана опсервација.
Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт
Не е лесно да си на местото од каде што гледаш дека нешто силно преживува твоето дете, а не знаеш како да му помогнеш и да му олесниш. Сепак, ти правиш сè за таа да се чувствува сакано и разбрано. Не секогаш е лесно, но ти некако успеваш и покрај сè, да ѝ се посветиш.
Секое дете, барем денес, расте со своите специфичности и не секогаш тие треба да значат дека нешто се случува со него. Од нејзиното однесување разбирам дека има големо натрупување на вознемиреност во нови и непознати ситуации, кои не знае како да ги изрази и комуницира. Не секогаш вербалното е начин на кој ние се изразуваме. Дали сте пробале да контактирате со неа преку креативно или уметничко изразување, или користејќи посензитивни пристапи на будење на телото, или преку моторички активности или танцови активности преку кои се празни насобраното незадоволство и енергија? Верувам дека понекогаш сето ова е тешко да се изорганизира и вие би сакале да здивнете малку, да одморите, а од она што го читам сфаќам дека ретко имате можност за тоа. Кои се други пријатели, роднини на кои им верувате и кои ви стојат на располагање да ја причуваат некое време додека вие земате малку време за себе? Сигурно има некој што се разбира со неа и би можел да помине убаво креативно време додека вие ги полните батериите и станувате позадоволна мајка.
Очигледно кубењето влакненца ѝ дава некако олеснување, можеби дури и задоволство. Така веројатно ја намалува вознемиреноста. Согласно на тоа, за да може да креирате исто задоволство, но преку трансформација на нејзиното движење кон себе и да го насочите во движење кон другите/светот, може да го земате истото движење и истражувате со различни материјали што би ја привлекле и би ја расположиле. Така ѝ ја обезбедувате можноста да интервенира и да создава од ништо нешто, ѝ дозволувате да манипулира со рацете посебно, затоа што таму ѝ се насобира енергијата. Затоа дајте ѝ да стиска, моделира, гмечи, кине, тегне, влече, притиска, бутка. Можете и вие да направите вежба со буткање, можете да се влечете со некој пешкир, па да видите кој колку ќе издржи, можете да се влечете со јаже, можете да месите тесто и да моделирате пластелин, или да гмечите глина… Секогаш истражувајте и најдете начини најсоодветни за неа и за вас со кои таа ќе се ослободи да се изрази и притоа тој израз да биде прифатен и поддржан од ваша страна.
Гледајте да учествувате во активностите заедно со неа, и уживајте додека го правите тоа, нека биде вашето време за полнење на батерии. Ок е и покрај сите работи што ги контролирате да се обидете да уживате со вашето дете.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Фото: Борче Поповски
912