Повеќето 15-годишни момчиња го поминуваат времето играјќи видеоигри или возејќи скејтборд, но Хеман Бекеле не е еден од нив. Тој ја поминал изминатата година развивајќи сапун кој може да лекува рак на кожата. Овој проект го освои првото место на годишниот „3M Предизвик за младите научници“, кој се смета за еден од врвните инженерски натпревари за ученици од петто до осмо одделение.
Хеман бил инспириран од тешката ситуација во Етиопија бидејќи неговите сонародници работат на многу силна сончева светлина, а УВ-зрачењето е најчеста причина за овој рак на кожата. Откако дознал дека просечното лекување на оваа болест чини 40.000 долари, решил да создаде лек кој секој може да си го дозволи.
Сапунот е лесен за употреба и нема штетно дејство. Неговиот сон е сапунот за четири години да биде достапен за сите. Неговото истражување започнало откако го открил лекот имикимод, кој се користи за лекување кожни болести како што е ракот. Додека овој лек обично се користи во форма на крем во сложени третмани за рак, Хеман размислувал за попристапен начин на администрација, особено во раните фази на болеста.
Хемановиот сапун содржи хемиски соединенија кои ги стимулираат клетките, клучни за имунолошкиот одговор на телото. Липидните наночестички овозможуваат сапунот да остане на кожата наместо лесно да се измие, со што се зголемува ефикасноста на лекот.
Со прототип кој чини околу 8,50 долари за пакување за производство, Хеман победил на натпреварот, освојувајќи ја титулата најдобар млад научник и добил награда од 25.000 долари. Можеби ќе поминат години пред да се појави таков производ на пазарот, но момчето веќе го поминува слободното време во лабораторија на Факултетот за јавно здравје „Џонс Хопкинс Блумберг“ во Балтимор, надевајќи се дека ќе го оствари својот сон. Магазинот „Тајм“ го прогласи за „Дете на годината“.
912