Последна освоена награда му е на Светското првенство во модерни танци, коe се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, во категорија соло и дуо-деца

Еден куп медали, благодарници, пофалници и награди за модерен танц ги красат полиците на домот на десетгодишниот Дамјан Талевски, ученик во петто одделение во Основното училиште „Даме Груев“ од Битола.
Тој освоил импресивен број на награди како на национално така и на интернационално ниво на меѓународните фестивали за модерни танци – Macedonia Open, Dance Masters, Dance Off и други.

Во Сараево освоил бронза

На Државното првенство во модерни танци во 2017, 2018 и 2019 година е првак во категоријата латино-шоу соло деца и латино-шоу дуо деца.
На Светското првенство во модерни танци во 2017 година, кое се одржа во Атина, Грција, се пласира на 5-тото место во категоријата латино-шоу дуо деца, а на Светското првенство во модерни танци во 2019 година, кое се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, се пласира на 2-то место во категоријата латино-шоу соло деца и на 3-тото место во категоријата латино-шоу дуо деца.
Неговата мајка, Јасмина Буневска-Талевска, вели дека Дамјан почнал да танцува на 5,5-годишна возраст во танцовиот спортски клуб – Expose Dance Studio од Битола.
– Клубот е членка на Македонската асоцијација на модерни танци – МАМТ, а Дамјан танцува во категориите латино-шоу (соло, дуо и формација) и синхроно танцување – вели таа.

 


Последна освоена награда му е на Светското првенство во модерни танци, кое се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, во категорија соло и дуо-деца. На ова патување освоил и сребрен и бронзен медал. Дамјан ни раскажа дека патувал со неговата танц-партнерка и нивните родители.

– Се дружевме со децата од клубот и од целата македонска репрезентација. Бев фасциниран од бројот на натпреварувачите, од нивните костими, и од одличната игра на Италијанците. Многу се радував и плачев од среќа и не можев да поверувам дека постигнав толку голем успех. Многу сакам да танцувам, многу го сакам движењето на телото, натпреварите, наградите и дружењето – вели Дамјан.


Неговата мајка додава дека танцот е и уметност и спорт, можност за постигнување правилно држење на телото и правилен раст и развој на децата.
– Часовите по танц, натпреварите и заедничките патувања се исполнети со многу дружење, конкуренција, поддршка, насмевки, солзи, смеа. Во ова секој родител треба да види можност за правилен и добар развој и на карактерните особини и на креативноста на своето дете – објаснува Буневска-Талевска.

Многубројните медали, дипломи, пофалници на Дамјан

Освен танцот, Дамјан се интересира и за сликарството. Учествувал на неколку ликовни конкурси, а има добиено и едно 3-то место во 2017 година и 1-во место во 2019 година на училишниот ликовен конкурс.
– Сака и да пее, во декември 2015 година учествуваше на Фестивалот „ТРА-ЛА-ЛА-КИДС“ со песничката „Роденден“ и освои 3-то место од публиката. Многу го сака училиштето, а најмногу предметите македонски јазик, математика, општество и ликовно образование – вели неговата мајка.



912

X