Родителството е предизвикувачко и не постои совршен рецепт за спроведување. Но, искреноста, прифаќањето, личната грижа и присуството можат да направат голема разлика – не само за нашите деца, туку и за нас самите. Бидејќи додека ги учиме како да бидат среќни и успешни, ние исто така учиме како да бидеме понежни, потрпеливи и поприсутни родители во иднина.
Гречен Рубин споделила неколку клучни лекции што ги научила низ годините на родителство – честопати преку сопствените грешки.
Не мора секогаш да ги тешите децата
Рубин вели дека ѝ требало долго време да сфати колку е неефикасно да им кажува на децата работи како: „Ајде, нема ништо!“, „Гледај ја светлата страна!“ или „Ти не се плашиш од кловнови!“ Иако се обидуваме да ги утешиме на овој начин, децата всушност се чувствуваат погрешно разбрани.
Со текот на времето, таа забележала дека им било многу полесно кога им кажувала: „Звучи како испитот навистина да те вознемирил“, „Тој коментар навистина те повредил“ или „Не е лесно да се научи таблицата за множење“. По некое време ѝ станало јасно – не им помагаме на луѓето кога ја игнорираме нивната тага, туку кога ја признаваме.
Љубовта се покажува преку прифаќање
Рубин споделила како едно нешто ја мачело долго време како родител.
-Ги сакам моите ќерки безусловно и не сакам да се променат, но сепак постојано ги охрабрувам да бидат подобри, поуспешни, поефикасни.
На крајот, таа вели дека сфатила оти вистинската љубов е и безусловна и бара многу. Љубовта го прифаќа детето какво што е, но исто така верува во неговиот потенцијал – и затоа го охрабрува да расте.
Кога си нежен кон себе, стануваш подобар родител
Тешко е да се прифати фактот дека не можеме да ги принудиме другите да се променат. Рубин истакнува дека како мајка открила нешто многу важно – кога се променила самата, се променил и нејзиниот однос со нејзините деца.

-Кога повеќе се одмарав, бев помалку раздразлива. Кога си дадов повеќе време и престанав да брзам, бев поприсутна. Кога успеав да го задржам чувството за хумор – моите деца станаа помирни, поопуштени, посреќни. Не можеме да ги промениме другите, но кога се менуваме себеси, нашите односи се менуваат – а потоа понекогаш се менуваат и другите – вели таа.
Ценете го секој момент – децата растат побрзо отколку што мислиме
Таа научила една од најважните лекции за родителство кога нејзините ќерки биле мали.
-Постојано го чувствував истиот парадокс: еден тежок ден ми се чинеше бесконечен, а годините поминаа во еден миг. Се сеќавам како лежев в кревет наутро размислувајќи колку многу требаше да направам пред да се вратам во истиот кревет навечер. И потоа ќе дојдеше Денот на трудот, и за миг повторно ќе беше Денот на благодарноста, Нова година и повторно Денот на трудот – истакнала Рубин.
Рубин издвоила една реченица што често им ја повторува на родителите: „Деновите се долги, но годините се кратки“.