Денеска завршува првото полугодие од учебната година, со што и официјално почнува зимскиот распуст. Според Министерството за образование и наука (МОН), зимскиот распуст ќе трае три недели, така што учениците ќе се вратат во клупите на 20 јануари.
Засега нема планови за одложување на почетокот на второто полугодие, со оглед на тоа што состојбата со ковид-19 е стабилна, иако неодамна беше потврден и најновиот сој омикрон, кој според експертите побрзо се шири, но со полесни симптоми.
По препорака на Комисијата за заразни болести и со одлука на Владата, учебната 2021/2022 на 1 септември почна со отворени училишта и настава со физичко присуство за сите ученици организирана според утврдени антиковид-протоколи. Исклучок се учениците ослободени со медицински потврди. Според податоците што МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а бројот на активни случаи со ковид-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 проценти.
912