Денешниот Меѓународен ден на детето Македонија го дочека на 66-тото место од вкупно 175 земји рангирани на Индексот на деца со прекинато детство за 2017 година. Тоа е листа што ја изготвува реномираната меѓународна организација „Спасете ги децата“, која ги рангира државите според тоа каде детството е најмногу, а каде најмалку загрозено.

Ранг-листата, како што појаснуваат од „Да ги спасиме децата“, е направена според повеќе фактори што можат да го загрозат или да го прекинат детството: лошо здравје, неухранетост, исклучување од образовниот систем, детски труд, малолетнички бракови, малолетничка бременост, екстремно насилство и смрт пред петтата година од животот на детето.

За 5 години 15,7 отсто од децата ги напуштиле македонските училишта

Македонија е на 66-тото место со 910 индексни поени, односно во најновиот извештај има 10 негативни индексни поени повеќе од претходната година или од претходните години опфатени во претпоследниот извештај, бидејќи, како што стои во извештајот, зголемени се смртноста кај децата под 5-годишна возраст и бројот на деца што го напуштиле школувањето.

Во Македонија во 2016 година е забележан раст на смртноста кај децата под 5 години, односно на 1000 живородени индексот на починати е 12,2. Влошување на состојбата има и кај бројот на децата што го прекинале школувањето, односно од 2012 до 2017 основните и средните училишта во Македонија ги напуштиле 15,7 отсто од запишаните ученици.

Во истиот период, од 2012 до 2017 година, 12,5 отсто од децата на возраст од 5 до 17 години почнале да работат, а за тие пет години 5 отсто од девојчињата на возраст од 15 до 19 години стапиле во брак.

Жеравиќ: Ромските деца и децата со попреченост имаат најмногу пречки во школувањето

На вкупната ранг-листа Македонија е сместена и во т.н. група Г, група на држави што се означени како земји со дискриминација врз девојчињата.

Според Андреа Жеравиќ, директорка во „Да ги спасиме децата“ одговорна за Северозападен Балкан, во практика се покажало дека децата од ромската националност и децата со тешкотии во развојот се оние што најчесто имаат пречки да се школуваат и дека приоритет е тоа да се промени.

Само Албанија е полошо рангирана од нас

Од земјите во регионот, кои сите бележат пад на листата, полошо е рангирана само Албанија, која е на 77. место, додека Србија е 46., Босна и Херцеговина 39., Црна Гора на 53. место, Хрватска е на 25. место, а Словенија е прворангирана, втора година по ред, заедно со Сингапур. На врвот на листата се и Норвешка, Шведска, Ирска…

Организацијата „Да ги спасиме децата“, која индексот на прекинато детство го објавува во пресрет на Меѓународниот ден на детето, предупредува дека конфликтите, широко распространетото сиромаштво и дискриминацијата на девојчињата придонеле за загрозување на повеќе од половина деца во светот, а тоа е бројка од над 1,2 милијарда девојчиња и момчиња.

Најлошо рангирани земји и во овој извештај се оние од Африка, како Мали, Нигер, Централноафриканската Република…



912

X