Не е лесно да се биде родител во секој аспект и во која било фаза од животот на нашите деца, па така не е и лесно да ги оставиме да го напуштат домот кога ќе дојде времето за тоа.
Кога децата се мали, се соочуваме со безброј проблеми и задачи околу нив и во тие моменти не знаеме што да правиме. Како што растат, задачите поврзани со нив се намалуваат, но се појавуваат нови: поттик за учење, вклучување во активности, тинeјџерски стравови, драми и слично. Потоа следуваат проблеми со запишувања, избор на кариера и обиди да се влијае врз подобри одлуки. Никогаш нема доволно време за сѐ што треба да се направи во врска со децата додека ги воспитуваме.
Потоа тие заминуваат. Веќе не се под нашиот покрив, а контактот со нив значително се намалува. И конечно, може да се посветиме на себе си. И тоа нѐ боли повеќе од што било.
Сето тоа го искусил лично познатиот фудбалер Дејвид Бекам, чии деца сега се во фаза на напуштање на домот. За британскиот магазин „Менс хелт“, Бекам даде искрено интервју во кој најпрво зборуваше за својата љубов кон вежбањето со сопругата Виторија Бекам.
Дејвид Бекам ќе наполни 50 години во мај, но и понатаму се држи до својот режим на вежбање, и тоа додека неговите деца почнуваат да го напуштаат домот. Синoвите Бруклин, Ромео и Круз веќе не живеат со него, додека најмалата, Харпер, сѐ уште живее со нив.
– Сè уште не сме целосно подготвени за ова, но навистина е болно. Од четири деца, сега дома имаме едно. Што сѐ би дал да се врати времето кога можев да ги искарам за мокрите пешкири во спалната! – вели тој.
Сепак, постои и добра страна. И покрај тоа што се многу зафатени, неговите синови наоѓаат време да се сретнат со таткото.
– Моите момчиња се доста добри. Секогаш ме канат во паб кога ќе излезат со своите пријатели – гордо изјави Бекам, потврдувајќи дека кај своите деца успеал да внесе силен темел за меѓусебни односи, што за него било од големо значење.
Со своите момчиња тој ужива да скија, што дополнително ја зацврстило нивната врска.
– Со момчињата наутро први сме на ски-патеката, а навечер последни си заминуваме. Најубавиот дел е кога разговараме на жичницата. Тогаш децата не користат телефон, само седат, така што можеме да разговараме – вели Бекам.
912