Игротека

Децата со АДХД имаат проблем со спиењето, еве како можат родителите да помогнат

Дури двајца од тројца средношколци не спијат доволно, а кај децата со нарушување на вниманието и хиперактивност (АДХД) овој проблем е уште поизразен. Најновите истражувања покажуваат дека децата со АДХД спијат пократко и имаат послаб квалитет на сон во споредба со нивните врсници кои ја немаат оваа дијагноза. Тоа може значително да влијае врз нивната концентрација, училишниот успех и односите со другите.

Како недостигот на сон влијае врз децата со АДХД?

– Сетете се како се чувствувате кога сте уморни или ненаспани. Потешко се концентрирате, полесно го губите фокусот и сте пораздразливи. Кај децата ова може да биде уште поизразено, па тие стануваат хиперактивни, импулсивни, а понекогаш и агресивни – вели д-р Мери Бет Девит, раководителка на детската психологија во Детската болница во Дејтон.

Најновото истражување во кое учествувале 62 тинејџери (31 со АДХД и 31 без психијатриска дијагноза) открило дека адолесцентите со АДХД поминуваат помалку време во длабок сон и повеќе време во полесни фази на спиење.

– Длабокиот сон е клучен за закрепнување на организмот, зајакнување на имунитетот и менталната регенерација. Ако недостига, личноста може да се разбуди уморна, дури и ако спиела доволен број часови – објаснува д-р Мирјам Квин, клинички психолог од Чикаго.

Недостигот на сон дополнително ги влошува проблемите со вниманието, помнењето и емоционалната регулација, што веќе се предизвици со кои секојдневно се соочуваат децата со АДХД.

– Ако мозокот не добие доволен одмор во текот на ноќта, проблемите само се зголемуваат. Замислете го тоа како обид да функционирате со празна батерија – додава д-р Квин.

Зошто децата со АДХД почесто имаат проблеми со спиењето?

Децата со АДХД често страдаат од несоница, им треба подолго време да заспијат и почесто се будат во текот на ноќта. Исто така, поминуваат помалку време во РЕМ-фазата на спиење, која е клучна за емоционалната стабилност и консолидирањето на сеќавањата.

Експертите проценуваат дека дури 50-75 отсто од децата со АДХД имаат некаква форма на нарушување на спиењето. Според клиничкиот психолог д-р Емили Бли, причините можат да бидат различни.

– Невробиологијата игра голема улога – нивото на допамин и норепинефрин кај децата со АДХД може да го наруши нивниот циклус на спиење и будење. Исто така, лековите што се користат за третман на АДХД може да имаат несакани ефекти што го отежнуваат заспивањето. А кај некои деца се присутни и дополнителни нарушувања, како анксиозност или депресија, што дополнително ја комплицира ситуацијата – вели д-р Емили.

Како да му помогнете на детето подобро да спие?

Експертите се согласуваат дека рутината и доследноста се клучни за подобрување на квалитетот на сонот. Д-р Девит препорачува:

  • Ограничување на внесот на кофеин и намалување на употребата на екрани пред спиење;
  • Воспоставување смирувачка вечерна рутина со релаксирачки активности;
  • Обезбедување доволно физичка активност во текот на денот;
  • Исто време за легнување и будење, дури и во викендите;
  • Користење бели или смирувачки звуци за полесно заспивање;
  • Барање стручна помош ако проблемите со спиењето продолжат.
  • Децата со АДХД се особено чувствителни на промени во рутината, па затоа е важно да се одржува стабилен распоред на спиење. Ако вашето дете има проблем да заспие, тоа не е ваша вина. Затоа, побарајте помош – заклучува д-р Бли.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top