Игротека

Децата што не јадат месо се пониски и послаби од врсниците, покажува големо истражување

Децата што се хранат вегански или вегетаријански во просек се послаби и пониски од врсниците што јадат месо, покажува досега најголемото истражување на оваа тема. Научници од САД, Италија и Австралија анализирале податоци од претходни истражувања што опфатиле над 40.000 деца и адолесценти со различни прехранбени навики.

Според резултатите, веганите во просек биле пониски за речиси 4 сантиметри во споредба со децата што јаделе месо. Веганите и вегетаријанците имале и понизок индекс на телесна маса, што кај ниски вредности може да укажува на ризик од потхранетост.

Ризици и придобивки од растителната исхрана

Истражувачите предупредуваат дека растителната исхрана често не обезбедува доволно клучни нутритиенти како калциум, железо, витамин Б12, јод и селен кои се особено важни за децата во период на интензивен раст. Исхраната без месо може да биде здрава и еколошки прифатлива, но само ако е внимателно планирана и дополнета со суплементи.

– Добро испланираните вегетаријански и вегански диети се соодветни за возрасни, но нивната соодветност за деца е помалку јасна – вели д-р Волфганг Маркс од Универзитетот „Декин“.

Клучни резултати од истражувањето

Истражувањето, објавено во списанието „Критикал ривјус ин фуд сајнс енд нутришн“, опфатило податоци од 59 истражувања во 18 земји со околу 48.000 деца. Вегетаријанците биле во просек полесни за 0,7 кг и пониски за 1,2 см, додека веганите биле полесни за 1,2 кг и пониски за 3,6 см во споредба со децата што јаделе месо. Двете групи имале понизок индекс на телесна маса и помала минерална густина на коските.

И покрај разликите во растот, растителната исхрана покажала и придобивки: децата вегани и вегетаријанци имале пониски нивоа на вкупен и LDL („лош“) холестерол. Тие внесувале повеќе влакна, фолати и витамин Ц, но помалку енергија, протеини, витамин Б12 и цинк. Веганите особено имале низок внес на калциум.

Истражувачите им препорачуваат на родителите информиран пристап и консултација со стручни лица.

– Добро планирани и соодветно дополнети вегетаријански и вегански диети можат да ги задоволат потребите и да поддржат здрав раст кај децата – заклучува коавторката на истражувањето, професорката Моника Дину.

Извор

Поврзани написи

To top