Игротека

Децата се променија – уморни се и преоптоварени, вели наставничка во пензија

По четири децении работа во училница, наставничка од САД реши да замине во пензија. Но нејзиното проштално писмо, објавено на социјалните мрежи, стана симбол на исцрпеноста и промените што го зафатија образовниот систем.

– Мојот татко вели дека луѓе како вас повеќе не се важни – оваа реченица, изговорена од шестгодишно дете, ја заокружила четириесетгодишната кариера на наставничката Клара Холт.

– Не беше тоа злонамерно, ниту со потсмев, туку тивка, детска искреност која боли, бидејќи доаѓа од невина душа – пишува Холт во својата објава.

Од топлина и доверба до бирократија и страв

Холт ја започнала својата кариера во почетокот на 80-тите години во едно предградие на Денвер. Тогаш, како што се присетува, професијата учител носела чувство на смисла и заедничка мисија.

– Не бевме богати, но бевме почитувани. Родителите носеа колачи на родителски средби, а децата цртаа срца што не беа совршени, но беа искрени – раскажува таа.

Но, со текот на годините тој свет се променил.

– Работата што некогаш ја сакав ја заменија исцрпеност, бескрајна документација и осаменост што е тешко да се опише – пишува Холт.

Наместо да изработуваат шарени паноа од хартија и светки, наставниците денес поминуваат часови пополнувајќи дигитални формулари за да се заштитат од поплаки и закани од родителите.

– Ми викаа пред учениците. Едно дете ме снимаше додека се обидував да смирaм друго кое имаше нервен слом – додава таа.

Наставничката признава дека и децата се промениле.

– Доаѓаа уморни, вознемирени, преоптоварени. Нивните мали прсти подобро знаеја да влечат на екранот отколку да држат боичка. Некои не можат да одржуваат контакт со очите или да почекаат да им дојде редот – опишува Холт.

Денес, наставниците мора да бидат и педагози, и терапевти, и администратори, и чувари, сето тоа шест часа дневно и со минимални ресурси.

– Еден млад директор ми рече: „Клара, можеби сте премногу грижлива. Општината бара мерливи резултати“. Како добрината да е слабост – пишува таа.

Малите моменти што ја држеле во професијата

И покрај сè, останала поради моментите што не се мерат со никаква табела, како реченицата: „Ме потсетувате на мојата баба“ или „Се чувствувам безбедно овде“.

– Тие мали мигови беа причината секое утро повторно да се вратам на работа – пишува во објавата.

Но последната година, признава, ја скршила.

– Агресијата стана поостра. Смеењето во наставничката канцеларија беше заменето со тишина. Гледав како сјајот исчезнува од очите на колешките.

Тивко збогум

На последниот ден од работа ги спакувала кутиите, ги симнала детските цртежи од ѕидовите и пронашла старо писмо од ученик од 1998 година: „Ви благодарам што ме сакавте кога бев тешко дете.“

– Седев на подот и плачев. Немаше прослава, ниту аплауз. Само ракување со младиот директор кој ме нарече „госпоѓо“ додека ги проверуваше известувањата на телефонот.

Го оставила столчето за нишање и кутијата со сликички, а понела само спомени – лицата на стотици деца кои ѝ верувале, барем за миг.

– Тоа не може да се пренесе, измери или замени – заклучува таа.

Наставничката го завршила своето писмо со едноставна порака: – Ако познавате учител, заблагодарете му се. Не со шолји и ваучери, туку со зборови, почит и разбирање дека зад секоја оценка стои срце што се трудело. Затоа што, во свет што често ги заборава, учителите се оние што никогаш не ги забораваат нашите деца.

Извор

Поврзани написи

To top