Игротека

Децата постојано сакаат нешто ново? Еве како да ги научите повеќе да ги ценат работите

Нова играчка, нова игра, нова маичка, нова авантура. Понекогаш се чини дека децата сакаат што е можно повеќе. И реално, тешко е да им се замери. Маркетинг-индустријата насочена кон деца и тинејџери вреди милијарди долари.

Според едно истражување, децата препознаваат реклами, но тешко можат да им одолеат, особено кога тие реклами се дел од содржини кај инфлуенсери, на социјални мрежи или во форма на персонализирани препораки. Дополнително, тука е и социјалниот притисок да имаат сè што имаат и нивните пријатели. Не е ни чудо што се чувствуваат како постојано да им недостига нешто.

Добрата вест? Родителите можат да помогнат

Учењето за парите и вредноста на работите од најмала возраст може да ги заштити од фрустрациите кога ќе пораснат. Овие мали навики можат да ги применат родителите за да воспитаат деца што знаат да го ценат она што го имаат.

Научете го детето да прави разлика помеѓу потреби и желби – седнете со детето и направете две листи: една со работи што им се потребни (на пример, чевли, училиштен прибор, јакна), а друга со желби (играчки, нова игра, модерни патики). Објаснете зошто нешто е неопходно, а нешто е само „луксуз“.

На пример: детето мора да има чевли за на училиште, но не мора да бидат најскапите што ги гледа на „Тик-ток“.

Кажете „не“ и останете доследни на тоа – децата брзо сфаќаат дали попуштате кога ве молат доволно долго. Ако прифаќате по третото молење, време е да ја вратите контролата. Доследното „не“ е важен чекор за учење на одговорност и поставување граници.

Вежбајте трпеливост – денес сè доаѓа брзо, па така и детските желби. Но истражувањата покажуваат дека децата се поподготвени да чекаат кога целта е заедничка. Наместо веднаш да им купите нешто, помогнете им да заштедат за тоа што го сакаат.

Разговарајте и за работите за кои вие сте штеделе и колку било добро чувството кога конечно сте ги купиле сами.

Дајте им можност да заработат нешто – ако постојано бараат нова работа, вклучете ги во процесот. Кога детето ќе вложи труд, повеќе го цени тоа што ќе го добие. Воедно, учи дека парите не паѓаат од небо.

Научете ги како да штедат – кога ќе добијат џепарлак или пари од баба, предложете им да ги поделат на три дела: за трошење и за штедење. Како што ќе растат, нека одлучуваат сами колку да оди во секоја „кутија“.

Без разлика дали децата се мали или големи, никогаш не е доцна да ги научите на одговорен однос кон парите. А еден ден сигурно ќе ви бидат благодарни за тоа.

Извор

Поврзани написи

To top